Шефот на Американската вселенска агенција (НАСА), Бил Нелсон, смета дека Кина би можела да ја преземе Месечината како дел од воената програма, притоа посочувајќи на повиците на Пекинг за изградба на заедница на нации во вселената. Кина таквите негови забелешки ги отфрли оценувајќи ги како неодговорни.
Кина изминатата деценија го забрза темпото во развојот на својата вселенска програма, со фокус на истражување на Месечината. Првото слетување на летало без екипаж Кина го реализираше во 2013 година, со очекувања дека во текот на ова десетлетие ќе развие доволно моќни ракети за испраќање луѓе на Месечината.
– Треба да не загрижуваат кинеските слетувања на Месечината и тоа што вели „сега е наше, вие излезете“ – се наведува во изјавата на директорот на НАСА, Бил Нелсон, објавена во германскиот весник „Билд“.
Тој предупредува дека кинеската вселенска програма е со воен предзнак, како и оти Кина краде туѓи идеи и технологија.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, како одговор на таквите тврдења изјави дека не е првпат шефот на НАСА да ги игнорира фактите и неодговорно да зборува за Кина.
– Американската страна постојано создаваше клеветничка кампања против нормалните и разумни напори на Кина во вселената, а Кина цврсто се спротивставува на таквите неодговорни забелешки. Кина отсекогаш промовирала изградба на заедничка иднина за човештвото во вселената и се спротивставувала на каква било трка во вооружување во вселената – изјави тој.
Во рамки на програмата „Артемис“ НАСА планира во 2024 година да испрати мисија со екипаж во месечевата орбита, а една година подоцна и да однесе свој екипаж во близина на јужниот пол на Месечината.
Кинеската вселенска програма планира на јужниот пол на Месечината во текот на наредните години да реализира мисии без екипаж.