Дали Македонија има потреба од закон против фрлање храна и/или од промена на постоечката регулатива за да се да се намали фрлањето храна и гладот кај нас, е прашањето што треба го отвори денешната тркалезна маса за националното и европското законодавство за фрлањето и вишоците храна, сигурноста и безбедноста.
Целта на настанот е да им понуди на носителите на одлуки, креаторите на политики, бизнисите и граѓанските организации релевантни и апликативни примери и практики за подобрување на законската регулатива во земјата во врска со фрлањето и донирањето храна.
Презентирана ќе биде и анализата што ја спроведе Македонското здружение на млади правници (МИЛА).
Гостинка на тркалезната маса ќе биде Ангела Фриго, генералeн секретар на Европската федерација на банки за храна (ФЕБА), најголемата Светска мрежа на банки за храна. Фриго е и тим лидер на ЕУ работната група која работи на оваа тема во Европскиот парламент, како и лидер на групата која го донесе Законот во Италија за фрлање – донирање на вишоците храна.
Тркалезната маса е организирана во рамки на ВСС ефект (WSS Effect) проектот, финансиран од ЕУ, што го имплементираат Здружението „Храна за сите – Банка за храна МК“, Организација на жени од Струмица, СИБАХЕ – Словенска Банка за храна и Европска федерација на Банки за храна (ФЕБА). Целта на проектот е воспоставување подобра правна рамка што ќе поттикне помалку фрлање храна и помалку глад во земјата.