Лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов е убеден дека актуелниот премиер не е во состојба да го реши билатералниот спор меѓу властите во Софија и Скопје, јави „БГНЕС“.
Изјавата на Борисов беше по повод најновиот развој на нашите билатерални односи и предлогот на француското претседателство доставен до собраниската Комисија за надворешна политика доцна во петокот.
– Ја гледате ли подлоста? Тој се обидува тајно да договори нешто што ќе излезе пред јавноста, гледате дека се случува, но не затоа што тој е лош, туку парламентот така одлучил. Не, до ден-денес јасно е дека Петков не може да придвижи напред ништо што е поврзано со Северна Македонија и Албанија – рече Борисов.
Петков во петокот вечерта рече дека лично не го ни прочитал францускиот предлог. Вчера тој истакна дека доколку нема одлука на парламентот, нема да донесе одлука за укинувањето на ветото за за почеток на преговорите на Македонија за влез во ЕУ.