Фото: Маја Јаневска-Илиева

На последниот самит „Отворен Балкан“ во Охрид беше договорено да се воспостави единствен систем за електронска наплата (ЕНП) во три земји – Србија, Македонија и Албанија. Возачите наскоро патарината ќе ја плаќаат електронски, со уникатен ТАГ уред, што треба да биде уште едно олеснување кое е иницирано во рамки на оваа иницијатива, јави дописникот на МИА од Белград.

Според „Патишта на Србија“ имплементацијата на новиот систем се очекува до крајот на летната сезона.

Отворениот Балкан „електронска наплата“ (Опен Балкан ЕТЦ) е акција за воспоставување единствен електронски систем за наплата на патарина во овие три земји, а во „Патишта на Србија“ напоменуваат дека ЕНП системите се базираат на истата технолошка платформа, ДСРЦ – директна комуникација со краток дострел.

– Корисниците на електронскиот уред за наплата ќе можат да го користат постојниот ЕНП уред со негова реконфигурација и регистрирање на својата платежна картичка на едно од продажните места. ЕНП уредот ќе биде поврзан со платежната картичка на корисникот, додека самиот корисникот ќе може да избере дали ќе наплатува средства во национална или во странска валута – објаснуваат во „Патишта на Србија“.

Според сегашниот предлог, предвидено е граѓаните на Србија во Македонија и Албанија да добијат попуст од 5 отсто со користење на овој уред и реципрочно за граѓаните на Македонија и Албанија.

– За воведување на овој систем, кога станува збор за земјите учеснички, односно јавните претпријатија кои се занимаваат со наплата на патарина, потребни се соодветни технички и организациски подготовки на кои во моментов активно се работи, а кои вклучуваат вчитување на нови кодови на антени за читање на ТАГ уредите и друго. Потоа системот ќе биде тестиран, а почетокот на апликацијата се очекува во текот на летната сезона – велат во „Патишта на Србија“.

Додаваат и дека единствениот систем на патарина ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе го намали метежот на автопатите. Новиот начин на плаќање на патарина треба да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи, а предност за граѓаните е што нема да чекаат во редици во шпицот на сезоната и што побрзо ќе стигнат до посакуваната дестинација.