Македонија е мала држава со голем број проблеми, но тоа не е оправдание за сегашната ситуација. Доколку навремено беа обезбедени резерви на нафта, природен гас и јаглен, ценовниот шок немаше да биде толку силен во нашето општество. Затоа општеството мора сериозно да размисли за оваа проблематика
Непосредно пред колапсот на Советскиот Сојуз, граѓаните потајно шепотеа анегдоти што проникнуваа во суштината на нецелисходноста на советското општество. Во една од овие анегдоти се вели: „Човек заминал да купи автомобил и ги предал парите. Одговорното лице му кажало да дојде за десет години. Купецот запрашал: Наутро или попладне? Прашањето предизвикало збунетост кај друг купец, кој посочил дека прашањето нема важност, бидејќи ќе минат десет години! Купецот возвратил дека прашање е суштинско, наутро го очекувал водоводџијата за да поправи одреден дефект!“
Можеби е шеговита оваа приказна, но таа ја доловува нефункционалноста и на нашето општество. Деновиве во медиумите можевме да прочитаме дека во 2007 година, со финансиска помош од Европската Унија, на излезот од Гевгелија бил изграден мост, со надеж дека во иднина ќе се асфалтира пат што ќе води до грчката граница. Шеснаесет години подоцна, патот сѐ уште не е асфалтиран. Каков апсурд! Очигледно е дека нешто не функционира во нашиот систем, но тоа го знаат веќе и малите деца, да се насочиме кон прашањето на денот.
Илјадници македонски граѓани се соочуваат со егзистенцијален проблем. Тука не говориме за егзистенцијализмот во форма на или-или, тука за најсурова егзистенцијална суровост – поскапи горива, високи цени на прехранбените производи, поскапа електрична енергија и сѐ така до бесконечност. Зимата што ни претстои ќе биде тешка за многу семејства. Покрај електричната енергија, се покачи и цената на огревното дрво, кое дополнително ќе го осиромаши буџетот на многу граѓани. Можеби некој ќе ни дофрли дека станува збор за криза што е поттикната од руско-украинскиот конфликт, која се пренесе во Македонија, но тоа е само делумно точно.
Секоја сериозна држава е подготвена за ненадејни турбуленции во глобалната политичка и економска сцена. Во текот на Азиската економска криза, во 1998 година, силно беа засегнати повеќе држави, особено економските тигри Јапонија и Јужна Кореја. Но најмалку беше потресен Сингапур, благодарение на големите девизни резерви. Настаните на глобално ниво секогаш се непредвидливи и никогаш не се знае кога може да настане нова криза. Затоа мудрите државници секогаш имаат на располагање дополнителни резерви на нафта и природен гас, како и стоковни резерви. Повеќе европски држави се соочија со високите цени на природниот гас, но Италија беше подготвена. Италијанската влада имаше обезбедено резерви на природен гас од Азербејџан и, по зголемувањето на цените, италијанските граѓани не само што не ја почувствуваа кризата туку Италија им продаваше дел од своите резерви на гас на земјите-членки на Европската Унија, со што дополнително ги зголеми своите девизни резерви.
Македонија е мала држава со голем број проблеми, но тоа не е оправдание за сегашната ситуација. Доколку навремено беа обезбедени резерви на нафта, природен гас и јаглен, ценовниот шок немаше да биде толку силен во нашето општество. Затоа општеството мора сериозно да размисли за оваа проблематика.
Никој не знае што носи иднината и затоа како нација секогаш мора да бидеме подготвени за непредвидливи настани, во спротивно може да се најдеме во ситуацијата на Шри Ланка, која има нафта уште за пет дена. Ако се земат предвид сегашните економски параметри, особено веста дека економската рецесија во Соединетите Американски Држави е неизбежна, нѐ очекуваат тешки времиња.
Но тоа не значи дека треба да постапуваме како нојот, кој ја крие сопствената глава во песокот, надевајќи се дека неволјата ќе го избегне. Напротив, како општество треба да се окуражиме и во лице да им погледнеме на неволјите. Во периодот што следува, Македонија како држава мора да ги мобилизира сите ресурси и да подготви стратегија за надминувањето на кризата, во спротивно илјадници македонски граѓани ќе се соочат со екстремна сиромаштија.