Фото: Маја Јаневска-Илиева

Моето долго и прекрасно патување дојде до самиот крај. Завршувањето на играчката кариера е само едно кратко до видување со ракометот. Мојот веќе новозапочнат предизвик е тренерскиот повик и верувам дека и тука заеднички ќе се радуваме, ќе тагуваме и ќе се надградуваме, поместувајќи нови граници. Моето мото што пак ќе ме води ќе биде „секогаш на победа“, напиша, меѓу другото, Лазаров во писмото до јавноста

РАКОМЕТ

Најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров (42), вчера на прес-конференција во Нант, се прости со навивачите на овој тим, но и од активното играње. По повеќе од две децении, безброј постигнати голови и освоени трофеи со многу клубови и во врвни натпреварувања, Лазаров истакна дека ќе одигра уште два меча за својот клуб Нант, и тоа денеска против Тулуз, на кој ќе се прости пред домашната публика, а претстојниот викенд во Париз против ПСЖ ќе се бори за уште еден трофеј во неговата кариера, во Купот на Франција.
– Мојата приказна дојде на крајот. Ова беше тешка, но очекувана одлука. Благодарност до претседателот, играчите, капитените, навивачите на Нант. Овој клуб го извлече најдоброто од мене. Ќе бидам дел од овој спорт. Останувам селектор, а во иднина можеби ќе работам и во клуб – изјави Лазаров, кој одигра повеќе од 200 меча за Нант и постигна над 650 гола.
Лазаров испрати и отворено писмо до јавноста.
– Моето долго и прекрасно патување дојде до самиот крај. Одлуката беше тешка да се донесе, но, сепак, очекувана. Тешка затоа што го работев тоа што го сакам, од срце, со многу страст и ентузијазам. На моја возраст не е ни малку лесно да играш на високо ниво, а кога нешто работиш со голема љубов, можеш да поместиш граници. Завршувањето на играчката кариера е само едно кратко до видување со ракометот. Мојот веќе новозапочнат предизвик е тренерскиот повик и верувам дека и тука заеднички ќе се радуваме, ќе тагуваме и ќе се надградуваме, поместувајќи нови граници. Моето мото што пак ќе ме води ќе биде „секогаш на победа“. Посебно ми е драго што, покрај обврските кон овие ракометни институции, наоѓав време, желба и страст да бидам во служба на нашата национална репрезентација 25 години, на тринаесет големи натпреварувања со една мала земја, секогаш аутсајдер против големите, секогаш со голема верба дека Давид може против Голијат – напиша, меѓу другото, Лазаров во писмото до јавноста, по повод одлуката да стави крај на играчката кариера.
Лазаров досега ги бранел боите на Овче Поле, Борец, Пелистер, Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона и на Нант.