Атина е на штрек за најекстремното сценарио од Анкара, земајќи ја предвид реториката на Реџеп Таип Ердоган, како и притисокот под кој турскиот претседател се наоѓа на домашната политичка сцена, објави „Катимерини“. Загриженоста на грчките власти се должи на ситуацијата со бегалците и мигрантите на турскиот брег.
– Зголеменото присуство на мигрантите на турскиот брег во комбинација со реториката на турската влада, ги поттигкна дипломатските и воени кругови во Атина повторно да ги разгледаат претходните кризни сценарија – пишува грчкиот весник, додавајќи дека бегалците и мигрантите честопати биле користени од Турција како алатка за притисок врз Грција.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја спомна мигрантската криза во Сирија, истакнувајќи дека Европа е во паника поради конфликтот во Украина, пренесе Тасс.
– Во време кога нашата земја веќе 11 години успешно се справува со илегалната миграција од Сирија, сведоци сме на паника во Европа поради руско-украинската криза. Се молиме за брз излез од овој критичен период – изјави Ердоган на конгресот на неговата АКП.
– Сè додека Ердоган е на чело на Република Турција, ние дефинитивно не можеме да им кажеме „да“ на земјите кои влегуваат во НАТО и го поддржуваат тероризмот – им беше кажано на новинарите присутни на конгресот на владејачката партија.
Турција ги оспори официјалните барања на Шведска и Финска да се приклучат кон НАТО, тврдејќи дека двете земји кријат луѓе поврзани со милитантните групи како што е Курдската работничка партија (ПКК) и други што ги смета за терористички, но и заради тоа што го прекинаа извозот на оружје за Анкара во 2019 година.
– Тие не се ниту чесни, ниту искрени. Не можеме да ја повториме грешката од минатото кога станува збор за земји кои прифаќаат и хранат такви терористи во НАТО, а знаеме дека ова е безбедносна организација – рече турскиот претседател.