Текстот е посветен, за жал, на неодамна починатата фудбалска легенда Никола Гелебешев, кој беше еден од најдобрите голмани во Македонија во 60-тите и 70-тите години од минатиот век. Тој ја градеше својата кариера во Кожуф, МИК и во Работнички, клубови во кои остави силен печат. Овој меморијален прилог содржи негови автентични изјави снимени во емисијата посветена на македонските спортски легенди

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (234) Никола Гелебешев (1)

Едно од најпознатите фудбалски имиња од македонските јужни предели без сомнение беше Никола Гелебешев. Помладите генерации можеби само слушнале за него, но оние постарите добро се сеќаваат на неговите бравурозни одбрани. Тој во текот на долгогодишната кариера стоеше меѓу стативите на три клуба, Кожув од Гевгелија, МИК (сегашно Скопје) и Работнички. Во сите тие остави силен печат и симпатизерите на секој од овие клубови со пиетет се сеќаваат на него. Гелебешев, во најтешките моменти, со своите одбрани често беше творец на победите, па можеби затоа и денеска, кога навираат сеќавањата на минатите убави фудбалски денови, често се споменува неговото име. Нема сомнение дека името на Гелебешев има посебно место во гевгелиската, скопската и македонската фудбалска историја. За него љубителите на фудбалот често знаеја да кажат дека тој е голман со романтична душа.
Како да беше тоа вчера, тој се сеќаваше на возбудливите денови поминати на голот. Жалеше за некои голови што ги примил, а можел да ги одбрани, но ги паметеше и оние интервенции кога благодарејќи токму на нив екипата за која настапувал доаѓала до победа.

ВО КОЖУФ, КАДЕ НА ДРУГО МЕСТО?

Многумина од неговите пријатели, па и оние не толку упатените фудбалски љубители, не можеа да си објаснат една работа. Имено, иако беше голман со врвни квалитети, сепак, не застана на голот на македонскиот фудбалски бренд Вардар, а добро е познато оти желбата на секој млад фудбалер од внатрешноста беше еден ден да заигра за овој клуб.
– Вардар остана моја неостварена желба. Причини има повеќе, но мислам дека во последен момент ќе се случеше нешто што ќе го спречеше моето доаѓање во популарниот клуб. Сепак, во еден период, кога не добив исписница од МИК, заминав во Вардар, но не забранив. Сепак, ја почувствував атмосферата во клубот што беше магнет за сите нас, младите фудбалери – зборуваше Никола Гелебешев.
Инаку, Гелебешев, како што тоа беше случај со сите деца во неговата средина, почетоците ги имаше во ФК Кожуф, кој и тогаш, а и денес останува најпознатиот гевгелиски клуб.
– Со оглед на тоа што потекнував од спортско семејство, воопшто немаше проблеми да почнам да се занимавам со фудбалот. Мајка ми беше спортистка, чичковците и братучедите, исто така. Со еден збор, спортот беше дел од нашето секојдневие. Ова го потенцирам од проста причина, што во тоа време во 60-тите години од минатиот век, често родителите беа пречка нивните деца да почнат да се занимаваат со некој спорт. Тие сметаа дека со спортувањето ќе го запостават учењето, па така, јас знам многу мои другари, кои, иако беа талентирани, сепак, не почнаа да спортуваат. За среќа, со мене не беше така, дури сите во семејството со радост и одобрување ја прифатија мојата желба да почнам да играм фудбал, и тоа да бидам голман – ми раскажуваше Никола.

МАКЕДОНИЈА – ЗЕМЈА НА ОДЛИЧНИ ГОЛМАНИ

Уште на првите тренинзи стана јасно дека Гевгелија во Никола Гелебешев ќе добие одличен чувар на мрежата. Во почетните денови со него работеше тренерот Андонов, а потоа кога ФК Кожуф се фузионира со ДТВ Партизан, тренер му беше Митко Хаџиниколов.
Двајцата многу придонесоа за неговиот напредок. Уште по првите тренинзи, веднаш беше прекомандуван во сениорскиот тим. Прво му беше резерва на популарниот Ристо Ангов, а потоа дојде денот кога и тој застана на голот на првиот тим. Неговото деби беше во потсојузот на гости против Демир Капија. Гелебешев одлично се снајде, не прими гол и веќе за него почна да се зборува како за талентиран голман, со кој Кожуф добива големо засилување. Веднаш стана јасно оти натаму тој ќе биде првиот голман, а со оглед на тоа што во тој период во македонските клубови имаше многу познати квалитетни голмани, му остана предизвикот да се натпреварува со нив. Иако за многу од поискусните беше само талентиран почетник, негова желба беше тоа да го потврди и на голот. Така, во една силна голманска конкуренција сѐ почесто се споменуваше неговото име. Тоа, нормално му годеше и му го отвораше патот кон некој од поголемите клубови.
Инаку, во тоа време Македонија навистина имаше многу познати голмани. И јас бев изненаден, кога Гелебешев почна да ги набројува чуварите на мрежата во најпознатите македонски клубови. Па, еве, неговото набројување го пренесувам и во овој текст: Во Вардар беа Тоде Георгиевски (на залез од кариерата), Коки Милошевски, Митко Атанасовски, за потоа да дојде и да се прослави најдобриот меѓу сите нив, Драган Мутибариќ-Муто. Во Работнички беше Чочков, во МИК, Лазов и Павлов, во Пелистер, Димитровски и Дуковски, во Охрид, Матовски и Крстановски, во Победа, Хаџивасилев, во Брегалница, Саздов, во Борец, Мијаков и Паунов, во Струга, Чук, во Гостивар, Ѓулаи, во Неготино, Андов, потоа меѓу истакнатите голмански имиња беа Кертаков, за кого Гелебешев велеше дека му бил идол, а на сцена со брзи чекори кон елитата одеа Благоја Истатов, кој имаше извонредна кариера во Беласица, Победа, Партизан и Утрехт (Холандија), Мацков, Димовски и уште неколкумина голмани. Интересно е дека сите овие имиња Гелебешев ни ги издиктира како од „пушка“.
– Ова е доказ дека Македонија отсекогаш имала добри голмани и можам да кажам дека по нив била препознатлива на поранешните југословенски простори. Затоа, во силната конкуренција беше тешко да се опстане и да се избори име за кое ќе се зборува. Јас, почнувајќи од 1967 година, три години се калев во Кожув. Играв во потсојуз, за еден ден да стигнам и до Македонската лига. Во решавачкиот натпревар за влез во МФЛ го совладавме Агроремонт со 2-0. Се сеќавам дека на овој значаен меч судија ни беше познатиот Перула Костовски – истакна во емисијата Гелебешев.
Потоа, дојдоа оние денови кога Гелебешев беше сѐ почесто споменуван во јавноста. Тој на сите натпревари добиваше високи оцени од кои најзадоволни, покрај него беа и неговиот чичко, а и голманот на РК Партизан, Кулишев, кој на некој начин со своето голманско искуство многу му помагаше.
– Двајцата никогаш не ги заборавив, ми се чини дека токму од нив ја добив вистинската насока за мојот натамошен фудбалски пат – беа зборовите на Гелебешев.

ПОЧНАА ДА СЕ РЕДАТ „ДЕСЕТКИ“

Во времето кога Гелебешев играше на македонскиот фудбал се посветуваше големо внимание во печатот. Весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“ редовно имаа извештаи од натпреварите во МФЛ со оцени за фудбалерите.
– Бев пресреќен кога во понеделник ќе го отворев весникот и кога покрај моето име ќе видев „десетка“. Тоа беше највисоката оцена, а кога таа ќе блеснеше во моите очи се топев од задоволство. Имаше многу натпревари на кои ја добивав највисоката оцена, но имаше и средби на кои бев послабо оценет. Свесен бев дека сето тоа зависеше од моите одбрани и, пред сѐ, од моето моментно расположение – зборуваше Никола.
Од тој период Гелебешев одвои два меча, кои посебно останале во неговата меморија. Првиот е оној кога ги освоиле првите бодови во Првата македонска лига против Балкан, а вториот е незаборавен, не само за него туку за целата негова генерација, кога во Гевгелија го прегазиле фаворизираното Куманово и го совладале со 6-1. Тоа бил неверојатен резултат, како што кажа Гелебешев, „вистинска сензација, зашто не треба да се заборави оти Куманово во тоа време, не само што беше меѓу најдобрите во Македонија туку еден период настапуваше и во Втората југословенска лига-исток“. Оваа победа, пак, беше причина на реваншот во Куманово, од гледачите до фудбалерите сите да бидат „наострени“ против фудбалерите на Кожуф.
– Во една таква ситуација повеќе мислевме да спасиме жива глава одошто на натпреварот. Сепак, и покрај вжештената атмосфера сѐ добро се заврши – беа последните зборови врзани за овој меч на починатиот Гелебешев.
Но со ова не го завршувам сеќавањето на него. Следната недела ќе ве потсетам на настапите на Гелебешев во МИК и во Работнички, два клуба во кои ја заокружи својата кариера.


НИКОЛА ГЕЛЕБЕШЕВ

Роден во 1949 година во Гевгелија, почина во мај 2022 година
Кариера: Кожуф, МИК и Работнички
Успеси: влегување со Кожуф во Првата македонска лига, забележителни настапи за МИК и за Работнички во натпреварите во силната Втора југословенска лига, источна група