Светот е сцена
Серијата од фотографии наречена „Мајка како креаторка“ на тајванската фотографка Ени Ванг прикажува различни фази на мајчинството, од бременост до одгледување син тинејџер. Taa речиси дваесет години ја документира својата улога како мајка. Секоја година, зад сегашниот портрет, се крие фотографија од сите други портрети.
Во 2001 година, Ванг го фотографирала својот труднички стомак на кој се потпишала и ставила датум, како што уметникот го става својот автограм на платно. Искуството од бременоста, како што вели таа, претставува парадокс: нејзиното тело правеше голем подвиг на создавање, но, со тоа, почна да го засенува креативниот идентитет што таа го стекна преку нејзината работа како уметница. Во очите на светот, бременоста и мајчинството можат да ја претворат жената во обичен сад, потчинет од жртвите што ги прави за своите деца. На овие фотографии, Ванг ја потврдува својата активна улога во создавањето друг живот, преобликувајќи го мајчинството како голем креативен потфат.
Автопортретот на Ванг, кој го покажува нејзиниот потпишан, отечен стомак, е првата фотографија во нејзината серија што е во тек „Мајка како креаторка“. Таа седи на кревет, сама, облечена само во долна облека и пркосно зјапа во камерата. Следната фотографија од серијата, направена една година подоцна, ја прикажува Ванг како со едната рака го држи својот млад син во скутот, а во другата кликерот на камерата. На ѕидот зад неа виси автопортретот од бременоста. На третата слика, тоа е втората фотографија што виси зад Ванг и нејзиниот син, кој сега е мало дете и стои покрај неа со ногата во гипс. Неговата повреда не е објаснета, но укажува на неговата растечка способност сам да се движи низ светот, со сите ризици и ранливости што ги носи. Сè уште е видлив портретот на бременоста на Ванг, како рамка во рамка, кој се провлекува во заднината. Фотографиите од различни временски периоди се напластени една врз друга, давајќи му го на гледачот искуството на гледање надолу во издолжен „временски тунел“, како што го нарекува Ванг. Минатото обезбедува видливо сидро на сегашноста, а сегашноста постојано го реконтекстуализира минатото.