Фото: Игор Бансколиев

„Нова Македонија“ побара одговори од Делегацијата на ЕУ во Скопје дали Унијата во изјавите на бугарскиот претседател, дека нема да дозволи легитимација на македонизмот во Европа, препознава геноцидна намера, која има крајна цел да ги избрише македонскиот народ, јазик и историја.
Во продолжение се одговорите од ЕУ, мислењата на експертската јавност и реакцијата на Македонците од Бугарија

(Не)предвидениот заплет од страна на ЕУ, предизвикан од ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата, веќе стана вообичаено да се радикализира со изјави на бугарските политичари пред самитите што претставуваат финализирање на претседателството на една земја-членка со Советот на ЕУ. Пред јунскиот самит, со кој треба да заврши претседавањето на Франција со ЕУ, се создава впечаток на агилност од страна на ЕУ-функционерите во насока на придвижување на процесот на проширување како неопходност за единство пред предизвиците на руско-украинскиот конфликт, но и за стабилноста на регионот.
Таквите пораки Бугарија ги сфаќа како притисок од ЕУ насочен кон неа, за да отстапи од неразумните причини за ветото спрема Македонија (што се одразува и на Албанија), па нејзините политичари отпорот го изразуваат со изјави во кои нескриено се декларираат фашизоидно-геноцидни намери спрема Македонците и сите атрибути на македонското постоење – нација, јазик, историја, содржани во поимот македонизам. Таквите пораки Бугарија ги сфаќа како притисок од ЕУ насочен кон неа, за да отстапи од неразумните причини за ветото спрема Македонија (што се одразува и на Албанија), па нејзините политичари отпорот го изразуваат со изјави во кои нескриено се декларираат фашизоидно-геноцидни намери спрема Македонците и сите атрибути на македонското постоење – нација, јазик, историја, содржани во поимот македонизам.
Имено, по средбите со германскиот државен врв во Берлин, бугарскиот претседател Румен Радев најави дека нема да дозволи легитимација на македонизмот во Европа. Со оваа изјава, Радев како да им упати директен предизвик на домаќините во Германија, но и на ЕУ, дека Бугарија нема да отстапи од спроведувањето геноцидна политика, која има крајна цел да ги избрише македонскиот народ, јазик и историја. Неколку дена по ваквата изјава на бугарскиот претседател, останува „енигма“ нереагирањето на Германија и зошто молчи ЕУ на ваквите изјави, со кои се демонстрираат намери и истребување на еден цел народ.

„Нова Македонија“ упати прашање до Делегацијата на ЕУ во Скопје дали Унијата во изјавите на бугарскиот претседател препознава геноцидна намера, која има крајна цел да ги избрише македонскиот народ, јазик и историја. Има ли намера некоја од институциите на ЕУ, или барем некоја од земјите-членки да реагира на ваквите изјави на бугарскиот претседател, кои претставуваат отворена закана за постоењето на македонскиот народ, беше прашањето на „Нова Македонија“ до ЕУ.
Не коментираме изјави. Ги охрабруваме Бугарија и С Македонија да најдат заемно прифатливо решение за нерешените билатерални прашања како приоритет. Треба да се избегнува секоја акција или изјава што негативно влијае на добрососедските односи – гласи одговорот добиен од Делегацијата на ЕУ.
Во меѓувреме, воздржаноста на европските институции во осуда на изјави со тенденциозно фашизоидни пораки што претставуваат директна закана за бришење на постоењето на еден народ како суверен на една држава, од страна на високи претставници на земја-членка на ЕУ, дополнително влијае врз растот на недовербата кон ЕУ и европските институции во Македонија. Тоа ги поткопува и темелите на кои почива самата Европска Унија, која неодамна ја одбележа годишнината од победата над фашизмот. Но, за жал, по сѐ изгледа геноцидната фашистичка идеологија и понатаму живее и опстојува во некои земји-членки на Унијата, за што најеклатантен пример е токму последната изјава на бугарскиот претседател Радев.
Оттаму се поставува и прашањето зошто ЕУ си дозволува да биде компромитирана и да не реагира на фашизоидно-геноцидни провокации, кои негираат историски идентитет на цел еден народ.

– Уште многу порано ЕУ требаше да реагира со осуда и отфрлање на причините за ветата спрема Македонија. Пред сѐ, не треба(ше) да дозволи идентитетски прашања да се претворат во услов за евроинтеграциите. Секако дека од ЕУ треба да реагираат и да ги осудат фашизоидните изјави на бугарскиот претседател Радев дека немало да дозволи „легитимација на македонизмот како производ на Коминтерната“. Со нереагирањето на ваквата изјава, ЕУ остава простор на забелешките дека е толерантна на повторното раѓање на (нео)фашизмот, па дури и за негова рехабилитација. Таквите тенденции се спроведуваат преку намерата за изедначување на фашизмот со комунизмот. Бугарија ги користи таквите ветришта во Европа и не случајно постојано инсистираат на нивната измислица – македонизмот е создаден од Коминтерната. И не застануваат на тоа, туку измислуваат и некакви Бугари жртви на комунизмот во Македонија. Такви „жртви на комунизмот“ кај нас, во Македонија, нема – вели историчарката Наде Проева.
Универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски, пак, смета дека постојат повеќе причини за толеранцијата на ЕУ на однесувањето на Бугарија и нереагирањето на изјавите на бугарските политичари со фашизоидни намери и нескриени асимилаторски тенденции.

– Постојат повеќе причини за нереагирањето од страна на ЕУ на многубројните изјави на бугарските политичари во кои отворено го негираат и бришат македонското национално постоење, а ќе наведам само две. Како прво, се чини дека за ЕУ се добредојдени ваквите изјави од страна на Бугарија, бидејќи на тој начин наоѓа изговор за непримањето на Македонија во Унијата, што кореспондира со нејзиниот став, особено со ставот на Макрон, дека ЕУ не е заинтересирана за прием на нови членки во наредните години. Втората причина е – веројатно реагираат превентивно, плашејќи се дека ако се „разбуричка“ ова прашање, може да се откријат некои нивни нечистотии, како на пример прашањата на Баскијците и Каталонците во Шпанија, Баскијците и Корзиканците во Франција, Ирците и Шкотите во Обединетото Кралство… Едноставно, постојат многу нерешени прашања на национален план во Европа, па на самата ЕУ на некој начин ѝ одговара ваквото однесување на Бугарија спрема Македонија – вели филозофот Љубомир Цуцуловски.


РЕАКЦИЈА НА ОМО „ИЛИНДЕН“ – ПИРИН
Фашизоидна изјава на Радев и на длабоката држава во Бугарија

Претставниците на македонското малцинство во Бугарија, од ОМО „Илинден“ – Пирин, револтирано реагираа на изјавата на бугарскиот претседател Радев дека „македонизмот не смее да се легитимира во ЕУ.
– Последната плитка изјава на Радев против „македонизмот“ не е негова, туку на длабоката држава во Бугарија. „Македонизмот“ не е идеологија и не е дело ниту на Коминтерната ниту на Југославија, туку е име што во Бугарија го користат за да го означат македонскиот идентитет, македонското самоопределување, самото тврдење дека Македонците се посебна нација со свои македонски атрибути. Поимот „македонизам“, Бугарија го користи за да прикрие дека таа се бори всушност против македонската нација. Изјавата на Радев во превод значи дека во Европа нема место за македонскиот идентитет, Бугарија нема да го дозволи тоа. Една исклучително злобна и фашизоидна изјава, најнепријателската што може да биде направена всушност, освен ако не изјави дека Македонците не се ниту луѓе. Но многу блиску.
Таа изјава се повторува како рефрен веќе повеќе од 12 години на највисоко државно во Бугарија: „Македонија во Европа – да; македонизмот – не“. Тоа е истата политика, зацртана од Тодор Живков, политика на редефинирање на македонската нација и држава на пробугарска основа, која е официјална и владејачка во Бугарија од 1963 г. досега. Оваа тоталитарна комунистичка политика, заедно со нејзиниот близнак – асимилацијата на македонското малцинство во Бугарија под мотото на истиот Живков: „Во Бугарија македонско малцинство нема и не може да има“, е сржта на бугарската позиција по македонското прашање.
За жал, Бугарија со сите нејзини проблеми од минатото и со тоталитарната политика на Тодор Живков влезе во Европа, за да може да им создава сега проблеми на држави што од почеток се повеќе европски отколку што е таа по 15 години членство во Европската Унија, да го нарекува црното – бело и крадецот да вика – држете го крадецот. Говорителот на омразата да повикува против говорот на омраза – се наведува во реакција на ОМО „Илинден“ – Пирин.