Украинското воено раководство ја отфрли можноста да ги спаси своите бранители од фабриката за челик „Азовстал“ во опколениот Мариупол со офанзива против руските војници, бидејќи тоа ќе чини многу животи. Киев извести и дека продолжува бомбардирањето на челичарницата каде одбраната ја држат преостанатите бранители на Мариупол.
– За таква операција на деблокирање би бил потребен голем број војници бидејќи украинските сили се оддалечени 150 до 200 километри – рече заменик-началникот на Генералштабот Олексеј Хромов и додаде дека таквата операција би чинела многу животи бидејќи руските војници изградиле силна одбрана.
Мариупол на Азовското Море во југоисточна Украина е под опсада на руската армија веќе два месеци бидејќи Москва сака да го поврзе полуостровот Крим, кој го анектираше во 2014 година, со југоисточниот регион Донбас.
Според вицепремиерката на Украина Ирина Верешчук, во фабриката за челик има околу 1.000 ветерани, а половина од нив се ранети. Руската страна тврди дека во визбите на челичарницата биле закопани 2.500 украински борци и странски платеници. Киев се обрати до разни организации за помош за евакуација на ранетите.
Верешчук вчера објави дека Киев и предложил на Москва тешко повредените бранители на челичаната да бидат разменети за руски воени заробеници, додавајќи дека „сè уште не е постигнат договор“ и оти преговорите продолжуваат.
Сопругите на бранителите на Азовстал со протести побараа да се помогне во нивно ослободување, а папата Франциск вчера разговараше со Катерина Прокопенко, сопругата на командантот на баталјонот Азов, Денис Прокопенко и Јулија Федојук, чиј сопруг исто така е заглавен во фабриката за челик.
Жените изразија надеж дека папата ќе помогне да се спасат нивните сопрузи и другите војници. Украина во саботата побара од Лекари без граници (МСФ) да организираат мисија за евакуација и згрижување на војниците од фабриката за челик.
Бранителите оваа недела рекоа дека предавање не доаѓа предвид бидејќи не веруваат дека руската војска ќе ги поштеди и нагласија дека ќе се борат до смрт.