Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Остин Лојд вчера престојуваа во Киев, каде имаа средби со украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Претходно, посетата беше најавена од Зеленски, но не и од Белата куќа. Се чини дека Американците сакале да го задржат во тајност доаѓањето на нивните двајца високи функционери се додека не заврши посетата, коментира „Би-би-си“.
Ниту еден новинар не беше поканет, а патувањето не беше ниту официјално потврдено од Вашингтон се додека двајцата не се вратија безбедно во соседна Полска. За нивна несреќа, украинскиот претседател имаше други идеи – ја најави посетата пред преполната сала со новинари 24 часа однапред.
Но, се чини дека ова не им нанесе голема штета на односите меѓу двете земји, бидејќи американската делегација вети уште една серија директна и индиректна воена помош за Киев, оценува „Би-би-си“.
Патувањето беше искористено и како можност да се објави дека оваа недела повторно ќе почне со работа амбасадата на САД во главниот град на Украина.
Ова беше најважната посета на американски дипломати на Украина од почетокот на воените дејствија.
Покрај претседателот Зеленски, Блинкен и Остин се сретнаа и со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, министерот за одбрана Алексеј Резников и министерот за внатрешни работи Денис Монастирски, јави „Си-ен-ен“, цитирајќи висок претставник на Стејт департментот.
– Денес, украинскиот народ е обединет и силен, а украинско-американското пријателство и партнерство се посилни од кога било – напиша доцна синоќа Зеленски на Твитер.
По средбата, Блинкен и Остин објавија дека Вашингтон ќе обезбеди 713 милиони долари дополнително воено финансирање за Украина и 15 други европски земји.
Според соопштението, повеќе од 322 милиони долари од овие средства ќе и бидат доделени на Украина, а остатокот ќе биде распределен меѓу земјите од Централна и Источна Европа.
Помошникот на Зеленски, Алексеј Арестович, го повтори повикот на Украина за офанзивно оружје, „бидејќи сè додека нема офанзиви, секој ден ќе има нова Буча“, додаде тој, мислејќи на градот каде што претставници на ОН рекоа дека документирале убиства на околу 50 цивили.
Зеленски завчера рече дека е благодарен за досегашната помош на Вашингтон за Украина, иако сака да употреби потешко и помоќно оружје против руските сили.