Фото: Игор Бансколиев

Штрајкот на просветните работници влезе во петтиот ден, без да има какви било сигнали кога тој би можел да заврши и кога учениците ќе се вратат во училишните клупи

Владата и СОНК никако да седнат и да најдат решение

Средбата меѓу претставниците на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и на Министерството за образование и наука (МОН), која се одржа на средината на оваа недела, не даде плод, бидејќи станало збор само за тоа како да продолжи наставата, но не и како да се угоди на барањето на синдикатот за покачување на платите во образованието.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера повторно побара разбирање од претставниците на СОНК, односно повика учениците да се вратат во училиште, а паралелно да продолжат преговорите со синдикатот.
– Барањето на СОНК е легитимно и покачување на платите ќе има. Социјалниот дијалог со СОНК ќе продолжи. Но приоритет за мене како министер се учениците и нивното враќање во училишните клупи, за да немаат повеќе дополнителни празнини, кои тешко или никако нема да се дополнат. Најдобар интерес е учениците да се вратат во училниците – порача Шаќири.
Тој изрази надеж дека воспитно-образовниот процес би можел да се нормализира од понеделник.

Од друга страна, претседателот на СОНК, Јаким Неделков, осврнувајќи се на замолницата што кон штрајкувачите ја упати министерот за образование Шаќири, рече дека и тие сакаат учениците што поскоро да се вратат во училишните клупи, но дека тоа е невозможно ако не се најде заеднички прифатливо решение.
– Сите тежнееме во овој момент кон иста цел, само патиштата по кои се движиме се различни. Целта ни е што поскоро учениците да се вратат во училишните клупи и децата во градинките, но патиштата се различни. Треба некаде да се вкрстат и да најдеме заедничко прифатливо решение за да го прекинеме штрајкот – одговори Неделков.
Тој додаде дека штрајкот добива на интензитет, но истовремено се пожали на притисоци врз штрајкувачите од страна на некои директори.
Претходно и УНИЦЕФ ги повика сите вклучени страни брзо да најдат заедничко решение што ќе ги стави децата на прво место и што нема да доведе до дополнителен продолжен прекин на наставата во училиштата.
– Вработените во образовниот сектор, исто како и сите други работници, имаат право да ги заштитат своите работнички права со штрајк. Во исто време, децата во С. Македонија не можат да си дозволат дополнителен прекин на наставата и учењето. Мора да се најде брзо решение што ќе им одговара на сите страни, а особено на децата – наведуваат од УНИЦЕФ.