Фото: Игор Бансколиев

И додека сѐ поотворените судири помеѓу некои судии, обвинители и правобранители некои од аналитичарите ги објаснуваат со генерациските престројувања поради најавеното заминување на голем број од нив во пензија во текот на оваа година, други ги објаснуваат со партиските репозиционирања во правосудниот систем, а трети тврдат дека судирите се плод на притисокот на САД за расчистување со корупцијата во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи и во Македонија

ОТКАКО ВАШИНГТОН ПОЧНА ПОСИЛНО ДА ПРИТИСКА ЗА РАСЧИСТУВАЊЕ СО КОРУПЦИЈАТА

Долгогодишната практика на партиските именувања и унапредувања на судиите, обвинителите, државните правобранители и други лица во институциите што директно или индиректно се вклучени во системот на правораздавањето, по подолгиот период на латентна војна, деновиве еруптира. Притисокот, кој веројатно во голем дел е создаден и од барањето на американската администрација да се расчисти со корупцијата во земјите од Западен Балкан, во Македонија резултира со отворени судири во правосудството. Но токму тие судири, регистрирани од граѓаните и од јавноста, испратија, најблаго речено, збунувачки пораки, пред сѐ во однос на степенот на граѓанската доверба во системот.

Прв случај Државното правобранителство да иницира прогон на
јавен обвинител

Најзбунувачки изгледаше прво медиумската објава, а потоа и официјалната потврда дека Државното правобранителство, орган надлежен за заштита на државниот интерес и именуван од Владата, поднел кривични пријави против неколку јавни обвинители поради, наводното, злосторничко здружување заради злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење. Иако тоа, се разбира, не е првпат тие што треба да гонат, обвинителите, да бидат изложени на кривичниот прогон, сепак, упатените посочуваат дека не се сеќаваат оти имало случај Државното правобранителство да иницира прогон на некој јавен обвинител. Некаде во истото време и Судскиот совет разреши пет судии и објави дека ја започнал постапката за оценување на работата на судиите и на претседателите на судовите.
Иако пошироката јавност и досега, особено при формирањето и расформирањето на некогашното специјално јавно обвинителство (СЈО), можеше да забележи искрења помеѓу поекспонираните лица од оваа област, никогаш како сега тие не беа толку директни и отворени.
И додека некои го објаснуваат тоа со генерациските престројувања во судството и во обвинителството поради најавеното заминување на голем дел од нив во пензија во текот на оваа година, а други само со партиските репозиционирања во правосудниот систем, има и такви што, иако неофицијално, велат дека притисокот за расчистување со корупцијата, кој во изминатиов период го вршат властите на Соединетите Американски Држави врз земјите од Западен Балкан, од политичките фигури се проширува и врз луѓето од правосудните и управните органи. Тоа е така поради фактот што некои од нив со своето постапување или непостапување дозволиле корупцијата на највисокото ниво да се распространи до таа мера што, на моменти, ги парализира виталните државни функции.

Американската амбасадорка Кејт Брнз ударна тупаница во борбата против корупцијата

Иако и трите причини, во поголема или во помала мера, влијаат врз споменатиот развој на настаните и нивното постоење веќе е потврдено од страна на надлежните, сепак, најдиректно е изразена потврдата дека луѓето задолжени за правораздавањето и заштитата на правдата во државава, најблаго речено, си го навлекоа гневот на американската администрација. А бидејќи тие моментално се на позиции што им овозможуваат солидни примања и привилегии за овдешните услови, сосема очекувано беше дека ќе има и силна, внатрешна борба за зачувување и зголемување на истите тие.
Имено, американската амбасадорка во Скопје, Кејт Брнз, во изминатиов период сѐ почесто и сѐ поотворено настапува со забелешки за борбата со корупцијата, нагласувајќи притоа дека нејзината државата многу инвестирала во затворањето на најранливите точки.
– Сакаме да видиме дека нашите инвестиции се исплатливи со судски систем што е правичен за сите – порача неодамна амбасадорката.
Oсвен до правосудните, предупредувањето беше упатено и до органите на управата.
– Корупцијата има многу форми. Не секогаш таа се сведува на стереотипот за земање мито во плик и не секогаш се случува на високите нивоа на власта. Слушаме пречесто од бизнисите овде во С. Македонија дека едноставните процеси, како добивање дозвола, речиси е невозможно да ги управуваат, бидејќи јавните службеници на првата линија очекуваат награда како возврат за тоа што си ја вршеле нивната работа. Знаеме исто така дека граѓаните некогаш немаат пристап дури ни до нивните сопствени граѓански евиденции без да платат нешто екстра. Ова е корупција, таа е погрешна и штетна. Таа не се појавува на насловните страници во медиумите, но ги попречува пристапот и инвестициите, така што мора да се смени тоа – објасни Брнз.
А дека американските власти немаат намера да останат на зборови, навести и соопштението на тамошното министерство за правда од пред неколку месеци, со кое беше објавен оглас за именување постојан правен советник што ќе работи на зголемувањето на капацитетот на истрагите, кривичните гонења и судењата на случаите на високата корупција и криминал во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи и во Македонија.
Последните информации за проширувањето на американската црна листа со двајцата поранешни високи функционери од Македонија, Никола Груевски и Сашо Мијалков, дополнително ја поттикна нервозата во структурите од правосудството, кои, се разбира, се обидуваат меѓусебната борба да ја прикажат како принципиелна.
– Иако тоа не се чувствува директно во нашето секојдневно работење, очигледно е дека се случуваат некои работи што досега не беа присутни. А на прашањето дали тоа се обиди за заштита на некакви принципи или на нешто друго, можам само да ви кажам дека многу далеку сме ние од принципи – коментира еден од најангажираните скопски адвокати, Димитар Дангов.
Кога на сето тоа ќе се додадат и постојаните укажувања на Државната комисија за спречување корупција дека Јавното обвинителство многу често не реагира по нивните пријави, забелешките на голем број невладини домашни и меѓународни организации на проблемите при остварувањето на правдата, како и анкетите, според кои, граѓаните имаат најмалку доверба во правосудството, оправдано изгледаат констатациите дека и самото тоа е еден од позначителните генератори на корупцијата. Д.М.М.