Фото: Игор Бансколиев

САД и досега безброј пати го констатирале истото, или нешто слично, за состојбите на (не)почитување на правата на Македонците во Бугарија, а истото тоа го констатирале и други европски и светски организации. Затоа на основите на вакви процени, збогатени со квантитативни и квалитативни анализи, треба да се постави и понатамошниот процес на преговори со Бугарија. Бидејќи е недолично држава како Бугарија, со вакви забелешки за дискриминација, да се залага за менување закони и практики во соседна суверена држава, тврдат аналитичарите

СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ СО НОВ ИЗВЕШТАЈ И ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО СОФИЈА ВО ОДНОС НА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО

Прашањето на македонското малцинство со децении е табу-тема во соседните земји на Македонија, особено во двете земји-членки на Европската Унија, Бугарија и Грција. Политичкото игнорирање и негирање на постоењето на македонското малцинство во овие земји е издигнато на ниво на национален консензус за блокирање на Македонија во нејзините настојувања за интегрирање во Европската Унија, а претходно и во НАТО. И покрај (асиметричните) договори на Македонија со овие две соседни земји, потпишани во голема мера под притисок на меѓународната заедница, која декларативно се залага за почитување на човековите права, во кои влегуваат и правата на малцинствата, не може да се каже има некаков напредок во состојбата на правата на Македонците во соседните земји-членки на ЕУ.
Тоа го констатира и американскиот Стејт департмент во годишниот извештај за состојбата со човековите права во Бугарија, критикувајќи ги бугарските власти за ускратувањето на човековите права на етничките Македонци. Се посочуваат 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права, за кои се вели дека властите во Софија ги игнорираат.
– Властите продолжија да негираат регистрација на етничко македонски активистички групи, како што се обединетата македонска организација „Илинден“, Друштвото на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите – се вели во дел од извештајот посветен на слободата на здружување.

Притоа се наведува и еден пример од 31 мај 2021, кога Апелацискиот суд во Софија ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација од ноември 2020 година, со која се одбива регистрацијата на Здружението на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, со образложение дека „групата ќе спроведува политичка агенда која ги загрозува единството и безбедноста на нација и би ги прекршиле правата на другото население во земјата што не се идентификува како македонско“. Припадниците на ОМО „ИЛинден“ во овој извештај се споменуваат уште и во делот насловен „Системско расно и етничко насилство и дискриминација“, при што се посочуваат тврдења од оваа организација за случаи во Благоевград, кога на националните пописни шалтери им кажувале на поединци што сакале да се изјаснат како Македонци дека „македонска“ не е достапна опција за етничка идентификација.
Извештаите на влијателните меѓународни институции, кои го следат спроведувањето на воспоставените меѓународни стандарди за почитување на човековите права, несомнено се сериозен индикатор и треба да бидат предупредување за оние што ги прекршуваат принципите и стандардите. Но хроничното децениско оглушување и избегнување на посочените држави да бидат спроведени ваквите укажувања и предупредувања од релевантните институции за човекови права, освен што сериозно го загрозува нивниот авторитет, го наметнува и предизвикот за активирање поубедливи механизми на меѓународната заедница за реализирање на препораките.
– И годинешниот извештај на Стејт департментот за состојбата на човековите права во Бугарија, конкретно на правата на Македонците во оваа земја, уште еднаш го забележува она што навистина се случува во реален контекст. Секако, ова не е прв извештај на меѓународна институција што ги констатира ваквите состојби со загрозеноста на човековите права на Македонците во Бугарија и свесни сме дека нема да ги реши проблемите, но е значаен сигнал дека вниманието на меѓународниот фактор е подигнато и ангажирано во барање решение за надминување на постојните состојби. Самите забелешки во извештајот на Стејт департментот ги разбираме како притисок врз Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да се зафати сериозно со решавање на правата на македонското малцинство – вели Стојко Стојков, претседател на ОМО „Илинден“ – Пирин.
Адвокатот Тони Менкиноски, застапник на македонските организации од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, во врска со извештајот на Стејт департментот смета дека САД, освен констатациите за повреда на човековите права на Македонците во Бугарија, треба да понудат и решение.

– САД досега можеби „милион“ пати го констатираат истото, или нешто слично, за состојбите на (не)почитување на правата на Македонците во Бугарија, но нема ниту едно решение. Конечно, нивната дипломатија може да направи некаков посериозен притисок врз Бугарија и да ја натера да се однесува одговорно како спрема пресудите од ЕСЧП, но и воопшто во третманот на малцинствата во нивната конституционална поставеност. САД можат да направат притисок врз Бугарија, врз основа на аргументите на извештајот од Стејт департментот, како што впрочем правеа и врз нас во Република Македонија во повеќе ситуации, кога тоа им беше во интерес – вели адвокатот Тони Менкиноски.
И професорката за меѓународни преговори и медијација Ида Мантон потврдува дека забелешките на американскиот Стејт департмент за непочитувањето на правата на малцинствата во Бугарија не се премиерно искажани во овој извештај. Но врз основа на овој извештај, таа наведува дека е „недолично држава со вакви забелешки за дискриминација да се залага за менување закони и практики во соседна суверена држава“.
– Стејт департментот не ги наведува пресудите и одбивањето за регистрација на македонските организации првпат оваа година. Многу е важно дека тие ги забележуваат прекршувањата на човековите права. Тоа го прават и други релевантни супранационани институции и со тоа придонесуваат да се добие објективна слика за одредени состојби. Овие стручни анализи треба да бидат дел од преговорите бидејќи ги тангираат прашањата за кои Бугарија има барања кон нас. Недолично е држава со вакви забелешки за дискриминација да се залага за менување закони и практики во соседна суверена држава. На основите на вакви процени, збогатени со квантитативни и квалитативни анализи, треба да се постави понатамошниот процес на преговори со Бугарија. Затоа не може билатерално да разговараме и мора да се вклучат експерти што имаат увид во овие и други постојни документи, заложби и стандарди – вели Ида Мантон.