Дајте ни еден процент од тоа што го имате, апелираше украинскиот претседател Владимир Зеленски во обраќањето на самитот на НАТО во Брисел, барајќи безрезервна воена помош од Северноатлантската алијанса, додека истовремено изнесе низа обвинувања против Русија, пренесуваат светските медиуми.
– За да ги спасиме нашите луѓе, нашите градови, на Украина и е потребна воена помош без ограничувања. На истиот начин на кој Русија без рестрикции го користи целиот свој арсенал против нас – порача Зеленски во видеобраќањето.
Украинскиот претседател се заблагодари за досегашната помош, но побара и офанзивни оружја.
– Можете да ни дадете еден процент од вашите авиони. Еден процент од вашите тенкови. Еден процент! Имате илјадници борбени авиони, но досега не добивме ништо од нив. Побаравме тенкови за да ги одблокираме нашите градови кои умираат. Имате барем 20 илјади тенкови. Најлошото за време на војната е да немате јасни одговори на барањата за помош – порача Зеленски.
Тој го критикуваше НАТО бидејќи не ја прифати Украина за членка.
По ваква војна против Русија, јас ве молам, никогаш, никогаш немојте да ни кажете дека нашата армија не ги исполнува стандардите на НАТО. Ние покажавме што значат нашите стандарди и колку можеме да пружиме во заедничката безбедност на Европа и на светот – порача Зеленски.
НАТО досега ги одби барањата на Украина за воведување на зона на забрана за летови во нејзиниот воздушен простор, со цел да се запре руското бомбардирање.
Американскиот претседател Џо Бајден и светските лидери отворија три итни самити, при што уследи предупредувањето на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека Алијансата мора да ја засили одбраната за да се спротивстави на руските воени дејствија во Украина, како и за да одговори на новата безбедносна реалност во Европа.
Бајден: Испраќаме оружје од милијарда долари во Украина
Американскиот претседател Џо Бајден денеска на самитот на НАТО во Брисел најави дека САД ќе и испратат на Украина оружје и друга безбедносна и одбранбена опрема во вредност од една милијарда американски долари.
– Во текот на изминатите неколку недели, САД одлучија да испратат безбедносна помош за Украина во вредност од милијарди долари. Зборувам за системи за противвоздушна одбрана, противтенковски оружја, беспилотни летала и милиони парчиња муниција – истакна Бајден.
Тој ги поздрави чекорите што сојузниците на САД ги преземаат да за пружат помош на Украина.
– Ги поздравувам чекорите што нашите сојузници ги преземаат за да обезбедат одбранбена помош за Украина. Заедно ќе идентификуваме и испратиме дополнителна опрема, вклучително и системи за противвоздушна одбрана, се за да и помогнеме на Украина – нагласи американскиот претседател.
Бајден го нарече формирањето на четири нови борбени групи во источниот дел на ЕУ, односно во Словачка, Романија, Бугарија и Унгарија, „силен сигнал“ дека НАТО „колективно ќе го брани и заштити секој дел од својата територија“.