Тој не приложил никаков доказ за тврдењето дека Русија употребила фосфорни бомби, ниту кажа каде се случил нападот
Украинскиот претседател Володомир Зеленски во денешното обраќање преку видео-линк на НАТО Самитот во Брисел ја обвини Русија дека при инвазијата на неговата земја употребила фосфорни бомби.
– Повторно, деца умираат, луѓе умираат-изјави тој пред лидерите на шефовите на држави или влади од земјите-членки на НАТО.
Тој не приложил никаков доказ за тврдењето дека Русија употребила фосфорни бомби, ниту кажа каде се случил нападот.
Зеленски вели дека од самиот почеток барал воздушна поддршка „за да помогне во заштитата на нашето небо“, бидејќи Украина нема моќна противвоздушна одбрана, пренесува Би-Би-Си.
Тој тврди дека Русија користи оружје за масовно уништување и дека последиците јасно се гледаат.
– Ние сме под нееднакви услови повеќе од еден месец, рече тој, повторно барајќи воена поддршка без ограничување со цел да се спасат народот и градовите во Украина.
Зеленски изјави дека Русија го користи целиот свој арсенал без ограничувања – таргетирајќи станбени квартови, болници и мостови.
– Досега Украина не добила ниту еден авион, потенцираше Зеленски.
Исто така, вели дека апелирал за тенкови – „дајте ни ги, продадете ни ги“ – но допрва треба да добие јасен одговор за нив од членките на НАТО.
– Украина не сака да војува со години. Ние едноставно сакаме да преживееме, да го спасиме нашиот народ-вели тој.
Но, тој појаснува дека не го обвинува НАТО. Не се нивните проектили кои уништуваат градови, додава украинскиот претседател. Алијансата сепак може да помогне да се избегнат понатамошни смртни случаи со тоа што ќе и обезбеди повеќе муниција на Украина, вели Зеленски.
– Се работи за живот или смрт, вели тој.
Зеленски истакна дека чувствува дека неговата земја е фатена во „некоја сива зона меѓу Западот и Русија“, бидејќи сè уште не е дел од Алијансата, но „ги брани нашите заеднички вредности“.
– Изминатиот месец беше месец на „херојска одбрана“ и „ужасен мрачен месец на уништување“-посочил Зеленски.
Тој вели дека Украина се држи храбро – но по цена на „илјадници животи, уништени градови и речиси 10 милиони преселени луѓе“.
Претседателот Зеленски, исто така, ги праша членките на Алијансата дали се уверени дека членот 5 од Северноатлантскиот договор ќе функционира доколку Русија го нападне НАТО. Членот 5 од Северноатлантскиот договор вели дека нападот врз земја членка на НАТО е напад врз цело НАТО.
И тој ја повика Алијансата да не и објавува на Украина дека нејзината војска не ги исполнува стандардите на НАТО:
– Единственото нешто што го барам од вас по ваков месец војна е, ве молам, никогаш не ни кажувајте дека нашата армија не ги исполнува стандардите на НАТО-додал тој.