Голема работа е што успеавме да ја поминеме Романија, таа е сериозна репрезентација со многу сериозен тренер, кој знае што сака. Треба да направиме анализа, оти за три недели нѐ чека дуел со Чешка, вели селекторот Лазаров
РАКОМЕТ – ПО ПОБЕДАТА НА ДУЕЛИТЕ СО РОМАНИЈА ЗА ПЛАСМАН НА МУНДИЈАЛОТ ВО 2023 ГОДИНА
Македонската машка ракометна репрезентација е на чекор од пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година во Полска и во Шведска, откако по двата бараж-дуела остана со позитива од шест гола во дуелот со соодветната селекција на Романија. Црвено-жолтите во реваншот во Букурешт загубија со 22-24 (12-12), но стекнатата предност од осум гола, по победата со 30-22 во Скопје два дена претходно, беше доволна некогашниот четирикратен светски првак, предводен од искусниот стратег, Шпанецот Хавиер Пaсквал, да биде елиминирана. Се повтори сценариото од 2018 година кога во ваков ист бараж за пласман на СП, во Скопје беше 32-24 за Македонија, а во Клуж 26-25 за Романија.
Селекторот Кирил Лазаров, кој го одигра целиот натпревар, не го криеше своето задоволство од играта на своите избраници.
– Голема работа е што успеавме да ја поминеме Романија, таа е сериозна репрезентација со многу сериозен тренер, кој знае што сака. Не бевме ние толку лоши колку што беа тие добри во одбраната. Пасквал со ништо не ме изненади, одбраната ми беше позната од Барселона, но и покрај тоа ни беше тешко во нападот. Немавме алтернатива на мојата позиција и знаев дека ќе морам да го одиграм цел меч. Мечот можеби не беше убав за око, но мора да се држиме на нашиот систем без разлика каква е атмосферата во салата. Најважно, сепак, е што ја остваривме целта.
Треба да направиме анализа што беше добро, што лошо на овие натпревари оти за три недели нѐ чека дуел со Чешка. Сега е најважно да се мобилизираме, бидејќи се работи за спортот број еден во Македонија, да го одржиме континуитетот и со неколку искусни играчи да ја направиме таа промена на генерации – истакна Лазаров.
Првата цел е остварена, следува втората, со мечот со Чешка. Првиот дуел на гости е закажан на 13 април, а реваншот во Скопје е на 16 април. Македонија игра за пласман на своето осмо СП.
– Романија не беше наивен противник, напротив добра репрезентација. Многу се подготвувавме за овие дуели, но се изборивме за следниот бараж против Чешка. Ако во Скопје имавме една техничка грешка во текот на целиот меч, сега имавме пет во првите две минути, а на крајот вкупно 15. Со толку технички грешки тешко се победува која било репрезентација. Нѐ чека Чешка, која е слична како и нашата, искусна и со ракометари што играат во Германија. Задачата ќе биде тешка, но мора да ја исполниме зацртаната цел – вели искусниот репрезентативен централен бек Филип Миркуловски.
Лазаров беше најефикасен кај Македонците со шест гола, Филип Кузмановски постигна три, а на голот Мартин Томовски имаше девет одбрани. Кај Романците прв стрелец беше Хумет Гаминде, кој шест пати ја затресе мрежата.
Против Чешка третпат во Злин
Македонската ракометна репрезентација третпат ќе игра во чешкиот град Злин. Во 2014 година, кога селектор беше Ивица Обрван, во натпревар од бараж-двомечот за пласман на Светското првенство (СП) во 2015 година, Македонија одигра нерешено 27-27. Вториот меч во истиот град беше во јуни 2016 година. Тогаш селектор беше Лино Червар, а Македонија во борбата за СП 2017, загуби во Злин со 22-28, а разликата во Скопје беше надмината и црвено-жолтите се пласираа на тој Мундијал.
Вкупно со Чешка досега Македонија одиграла 15 меча, а билансот е седум победи за Чешка, пет за Македонија, а три дуели завршиле нерешено. Претходен пат Македонија и Чешка играа на Европското првенство во 2020 година, кога црвено-жолтите загубија со 25-27.
ПРВ БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2023
Романија – Македонија 24-22 (22-30)
БиХ – Грција 26-28 (17-24)
Белгија – Словачка 31-26 (26-28)
СИНОЌА
Словенија – Италија (29-28)
Швајцарија – Португалија (26-33)
Литванија – Израел (24-28)
Естонија – Австрија (33-35)
во заграда се резултатите од првите дуели
ВТОР БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2023
Чешка – Македонија 13 април
Македонија – Чешка 16 април