Речиси сигурно станува збор за дрон, тврди експертот за воена авијација Тајлер Роговеј откако ги проучи фотографиите од остатоците на леталото кое синоќа се урна во Загреб, правејќи кратер со размер од три метри, при што оштети повеќе автомобили, пренесува „Јутарњи лист“.
– Силно веруваме дека се работи за разузнавачки дрон кој изгледа како ракета. Сигурно претрпел сериозен дефект, ја прелетал Унгарија и се урнал во Загреб – смета Роговеј.
Тој наведе и дека дронот веројатно стигнал во Хрватска од воена зона.
– Неодамна е објавено оти Украина во погон стави дронови од советската ера, а колку што ми е познато, Украинците единствени го користат дронот Туполев Ту-141. Збунувачки е и прилично алармантно леталото да одлета толку далеку, но што се однесува до тој вид на дрон, тоа не е првпат, дури ниту во оваа војна. Пред само неколку дена се урна еден дрон во Украина. Реално, ова летало во поголема мера претставува крстосувачка ракета, отколку традиционално беспилотно летало. Се лансира од приколка, рутата се одредува однапред и служи за собирање на разузнавачки податоци. И има падобран со што може да се употреби повеќе пати – посочува Роговеј, прашувајќи се како е можно дронот да прелетал една или повеќе држави.
Ту-141, како што појаснува порталот „Воена зона“ чиј уредник е Роговеј, Ту-141 е леталото од советската ера кое Украина го унапредила по воените судири во 2014 година.
Павле Калиниќ од Канцеларијата за управување со итни ситуации во Загреб, исто така смета дека станува збор за Ту-141.
– По информациите кои ги имам се работи за заталкано беспилотно летало од советското доба, Ту-141. Можеме да бидеме среќни бидејќи немаме мртви, ниту повредени – изјавил Калиниќ за хрватските медиуми.
„Вечерњи лист“ наведува дека дометот на леталото е илјада километри. Леталото е со должина од 14,33 метри со распон на крилата од 3,88 метри, повикувајќи се на анализата на аналитичар, кој додаде и оти е можно дека некој примерок од леталото се задржал во Русија, иако како негов единствен денешен корисник се истакнува Украина.