Оној што не сака да прифати дека само она што било може да го зачува од она што ќе биде е патолошки случај и треба да се испрати таму каде што азилуваат болни од неразум и неум. Ама, претставете си да немате јасна и разбирлива емпирија за тоа дека чајот е топол, сладоледот ладен, осмиот кат високо, а бунарот длабоко. Што ќе ви се случи? Замислите си да не паметите дека лифтот се повикува со притискање копче. Ќе стоите пред вратата на она механика што ве крева нагоре или спушта надолу или, во најлош случај, ќе тргнете да се искачувате пеш во потрага по катот за кој немате сеќавање дали беше деветнаесеттиот или дваесет и првиот, а станот е со број 69 или 96. М? И ете сме повторно на почетокот. Владимир Владимирович Путин во своето обраќање до Русите и до светот во врска со војната во Украина еден час зборуваше за историја, за она што било во средниот век, неколку века подоцна, за настаните од годините на револуцијата од 1917-та, па до 1954-та и на крајот до 1991-та. Каква врска има тоа со сегашноста? Е па, шарена, драги мои, онаква каква што е историјата на тие што денес нѐ управуваат и немам никакво сомнение дека нѐ водат кон уништување, поточно кон самоуништување. Како сакате разберете ме, ама никој освен Грција и Грците никогаш не ви кажал толку отворено, толку јасно и недвосмислено што се бара од вас и што ве очекува ако го направите тоа што го правите. Никој. Убаво ви кажа Дора Бакојани: „Не е доволно ние да ве негираме, треба вие самите да се откажете од себеси“. Неколкупати повторуваа Никос Коѕијас и Алексис Ципрас: „Потпишувањето на Договорот од Преспа не е карта за членство во Европската Унија“. Да не плачете после! Ама тоа е. Ги слушавте и им верувавте на оние што ве мамеа и тонеа во сопствените заблуди, па на крајот се подвиткаа и си заминаа во разочарување од неисполнетите ветувања на Америка и Европа.
Е па, добро, продолжете и понатаму да го туркате народот кон лаги и ќе стигнете до Украина, на која, како и нам, ѝ ветуваа дека Европа ќе ја храни, а Америка ќе ја брани. И, ја нахранија ли Европејците гладната Украина, ја одбранија ли Американците немоќната Украина? Го гледате ли оној комедијантот Зелински, навистина ми е смешен кога се држи сериозно и пред камери, наместо вицеви за „глупи Руси“, кажува монолози од „Тит Андроник“ и реплики од „Подемот и падот на Третиот рајх“. Прашањето беше дали сме за Русија или за Америка. Лесно е да се определиме ако пред тоа сме начисто со две работи: првата е дали Русија е за Македонија, а втората е дали Америка е за Македонците. И ете го нашиот проблем, нашата суштинска мака, која нѐ држи таму каде што сме, далеку од Истокот, а надвор од Западот. Прво, да видиме како стоиме со Русија. Онаа многупати повторувана флоскула за Русија, која никогаш не се заложила за Македонија онака како што тоа го направила за Грција, Бугарија и за Србија во минатото, сепак е вистина, во оној дел што се однесува на Македонија. И веднаш ќе се согласам, Русија никогаш, ама никогаш не застанала во одбрана на Македонија, освен во 1991-та, кога ја призна земјата под нејзиното уставно име, без условувања. Но беа тоа среќни години за Македонија, ама несреќни за Русија, која пијана до срамота, што би се рекло, се располагаше во изобилниот „Салун демократија“, каде што наместо капење и трезнење, од Западот и Америка ѝ беше подметнато виски во замена за вотка. И француски коњак. А богами и германски шнапс за дижестив. Е сега, пак ќе се вратиме на историјата. А што кажува таа? Кога Русија ќе се испијани, секогаш се трезни во Европа. И на крајот, Европа е во лом и во повраќаници. Така е тоа со Европејците, кои никогаш не научија дека понекогаш господарот треба да го браниш и од него самиот, ако сакаш да преживееш. И овој пат Европа не разбра дека живее во иста куќа со Русија, а не со Америка и Британија.
Ете ги слепците што не сакаат да видат дека сѐ уште се наоѓаат на оној дел од светот во кој две третини е руски, населен со Руси, зборуваат руски и се крстат со три прсти наместо нив, кои се крстат со пет. Да не мислите вие дека корисните идиоти живеат само во истокот од Европа? Ха, каква заблуда! Не, не, драги мои. Напротив, „идиотите од корист“ се создадени веднаш по Втората светска војна, токму во демократска Европа, од Португалија на запад, па до Германија на исток. Америка, кога го ослободуваше од нацизмот тој дел од нашиот континент, знаеше дека нема да може да го контролира ако не го управува однатре и со помош на корисни идиоти. Ама ми се чини вие заборавате што рече извршниот продуцент на оваа војна во Украина, госпоѓата помошник-заменичка Викторија Нуланд: „Fuck the EU!“ Ама не, драги мои Европејци, не научивте дека сте во Европа, која ја споделувате со Русија, а не со Америка и Британија. Што не им е јасно на Франција и на Германија? Дека ако има војна, таа ќе биде во Европа, тоа ли не им е јасно? Не знам тоа, ама знам дека кога се обидоа Германија и Франција да мислат со своја глава, Америка веднаш ги подели на стара и нова Европа, откажувајќи се од старите корисни идиоти на Запад, во замена за нови корисни идиоти на Исток. Досега, секоја војна што Франција и Германија ја започнале кон Москва, на крајот завршувала со руски војски во Париз и во Берлин. И на почетокот од тие војни Германија и Франција влегувале како посилни, а завршувале во урнатини. Така пишува во нивната историјата. Не научија Европејците да се грижат за себе и за својот господар, кој било им мило и драго или не, се вика Русија. Гледате ли како Англоамериканците се грижат за Америка и Британија, многу често бранејќи ги господарите и од нив самите, како што е сега случајот со тие две земји. Ама вие во Македонија на северот, гледате ли вие нешто друго освен онаа вознемирена фаца на Бујар Османи, кому во очите му се чита стравот од конфликт помеѓу Америка и Русија, и нова распределба на тежиштето на светот? Не разбирате ли зошто Бујар Османи е во паника? Па, кај него барем сознанијата се крајно едноставни: Америка или ништо! Мислите ли дека оставен самиот на себеси, без заштита од Западот и од Америка, Бујар ќе ја има оваа самодоверба на прислуга, кому му се може прв да јаде од остатоците од вечерата, кога господарите ќе заминат на горните катови да се опуштат во пијанки и оргии? Не знам, помислете, или пак не мислете, пребарајте по историјата, таму секогаш ќе ги најдете одговорите на прашањата што ве мачат денес, а ви требаат за да се снајдете за утре. Имам ли одговор на прашањето дали сум за Америка или за Русија? Имам, затоа што јас знам две работи. Првата, Русија секогаш, недвосмислено и јасно, ги помагала Македонците.
Од Димитар Поп Георгиев до Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски, преку Тодор Александров, Димитар Влахов и Панко Брашнаров, но никогаш не ја помагала Македонија. Никогаш. Од Берлинскиот конгрес во 1878-та, низ Разловечкото востание и Крушевската Република, па до балканските и Првата и Втората светска војна и по неа, со информбировските настани, необугаризацијата на Пиринска Македонија и граѓанската војна во Грција. Така кажува нашата историја. Втората, пак, Америка, е таа, пак, секогаш ја помагала Македонија, во идеи, во поддршка и во прибежиште, во логистика, па дури и во пари ако сакате, ама никогаш, никогаш не ги помагала Македонците. Америка од првиот ден на нашето осамостојување, па до денес никогаш не покажала поддршка кон Македонците. Ама никогаш. Сетете се, дали некогаш, ама кога било, за што било, американската амбасадорка во Скопје кажала: Македонци, македонско, македонска. Никогаш. И не очекувам. Нашиот проблем е едноставен, драги мои: ние мечтаеме за работи што не постојат и кои се во сферата на митовите и легендите, а не во светот на стварноста. Првиот мит е поврзан со Русија и се простира во светот на пансловенството и православието. Разберете, човештвото не познава братство на расна и религиска основа, никогаш. Не само кај словените и православните туку и кај германите и кај католиците. Па, барем тоа треба да ви е познато, дека тие, западните, за разлика од нас, источните, се колеле, се колат и ќе се колат помеѓу себе стопати пожестоко и понемилосрдно од нас. Пак ли да ве упатувам на историјата? Ме уморивте. И вториот мит е поврзан со Америка. Драги мои, ние мечтаеме за Америка од седумдесеттите, осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век, кога таа земја навистина, ама навистина беше синоним за она што сѐ уште сакаме ние да бидеме – демократија, капитализам, либерализам и, секако, слободно да одлучуваме за себе и за сопствената иднина. Секс, дрога и рокенрол! Таа Америка, драги мои, не постои, ја нема. Ниту во Америка. И тоа не е најстрашното во однос, повторно ви забележувам, правете разлика меѓу Македонија (со каква и да е придавка во определено време од историјата) и помеѓу Македонците во Македонија.
Ние мислевме дека Америка ќе ни помогне во борбата против тиранијата на примитивните комунисти и комуњаризмот и ќе нѐ поддржи нас, кои се боревме и во комунизмот против комунистите и во демократијата против комуњарите и против нивните тајни служби што ги уништуваа нашите семејства и нашата земја. Но вистината е немилосрдна. Америка од денот на осамостојувањето на Македонија, па до ден-денес отворено, сосема јасно и неприкриено ги поддржува комунистите, комуњарите, нивните деца и внуци и нивните служби, преку кои сѐ уште управуваат со нас, со нашите животи и со современите текови на општественото постоење. Од Киро Глигоров и Бранко Црвенковски, преку опкружувањето на Љупчо Георгиевски, а подоцна и него самиот, до Владо Бучковски, па сѐ низ Никола Груевски и на крајот сосе Зоран Заев. И секако, за да ни потврдат дека историјата се повторува, тука е врвот на американското лицемерство за идејата за демократија, кога, како и во случајот со Владо Бучковски, без избори го главија Димитар Ковачевски, за да им го доврши тоа што Заев го започна, а го остави недоправено. Бучковски ја изработи територијалната поделба и конечната поделба на општеството на две, на едната страна албанско, на другата остатокот од општеството. Ковачевски ми изгледа како некаков Зелински. Како изведувач на перформанси. Можете ли да се сетите во овие неколку месеци, откако е премиер, на една изјава на тој човек што не е општа и не се однесува само на општи места во светот на политиката? Можете ли да се сетите на една негова конкретна реченица што дефинира некаков конкретен општествен проблем? Или на некаква идеја за решение на некаков проблем? Не мачете се, нема такво нешто. Човекот ми се гледа како инструмент на навивање, кој ќе свири и игра сѐ додека се одмотува пружината што го придвижува. И толку. Како и оној пред него. Би сакал во овој случај, многу, ама многу да погрешам. Ќе се радувам на мојата заблуда. Македонците, демократите и демократијата во Македонија, Америка не ги одбранила и поддржала никогаш. Ама никогаш. Америка отсекогаш била и, за жал, сѐ уште е на страната на оние што ги нарекува корисни идиоти. Како поинаку да го прифатам претседателот на државата Стево Пендаровски, кој како типичен производ на „викторијануландизмот“, на телевизија, пред сите, без задршка, изјави дека не разбира како во последните години (кога тој и неговиот апарат се апсолутна власт!) Македонците по род повеќе ѝ веруваат на Русија и сакаат да бидат во сојуз со неа, наспроти Америка и Европа. Ако добро се сеќавам, токму Америка го глави него, за тој заедно со неговата партија и неговата влада да прават сѐ што треба да се направи за Македонците повеќе да ја сакаат Америка, а не Русија. Но така си е тоа со корисните идиоти. Користат додека се искористат, а откако ќе го снема она корисното – останува само идиотското. Но сѐ уште ни останува неодговорено прашањето што да се прави.
Америка или Русија? И Америка и Русија. Америка заради Македонија, а Русија заради Македонците. Можно ли е такво нешто? Живи ли сте? Ако одговорот е да, тогаш сѐ е во ред со вас, знаете вие што треба да се прави. Убеден сум дека знаете. Како мислите дека сте дошле дотука? Ама вие навистина ли мислите дека ова се случува за првпат и ви се случува само вам? Пак ли ќе ве враќам кон историјата? Еве еден начин како да се спасите. Кога Исток ве отпишува, а Запад не ве запишува, што ви фали ако наместо далеку од едната и далеку од другата страна, вие сепак изберете да живеете блиску до едната и блиску до другата страна? Знаете ли како преживува Финска овие сто години? Со мака. Знаете ли како опстанала Шведска овие четири века? Со маки Ристосови. Да ве потсетувам ли на царска Русија и Петар Велики? Другпат. Па, не ви е само вам тешко, бре Македонци. И другите се мали, наспроти Русија, сите други западно од неа се џуџиња. Научете си ја историјата и сѐ ќе биде во ред со вас. Сѐ ќе биде во ред со нас. Читајте си ја историјата. Ништо не учи подобро за сегашноста од научена историја, за што и да е.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и универзитетски професор