Заедничка изложба на масла на платно на писателот Славко Јаневски и на скулптури во бронза на скулпторот Томе Серафимовски ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во Музејот на градот Скопје. Куратор е Емил Алексиев, а на отворањето ќе говорат сликарот Кирил Пенушлиски и новинарот Ерол Ризаов. Стихови од Славко Јаневски ќе чита актерот Висар Вишка, а на гитара ќе настапи Тони Китановски. Организатор е фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“, а ќе бидат претставени повеќе од 50 дела на двајцата академици, бардови на македонската култура.
– Ликовниот свет на Јаневски не се разликува многу од неговите книжевни дела. Тој е полн со чуда и со чудовишта, и тука владеат чудни закони. Така, човек таму може да си ги раскине градите и да го отвори градниот кош со раце и да ви го покаже срцето, може со нокти да си ја одере кожата и да ја закачи на закачалка како палто, таму прокажани клечат пикнати во грниња, нечија глава е облак, а некој нема тело, даб има шапка, друг даб расте од нечија шапка, некој чекори на небото и остава сини траги од стапалата, телото на убава млада жена се претвора во јато плашици сребрени и разиграни како трепетливите одблесоци на светлината на површината од езерото – пишува во каталогот за изложбата, под наслов „Јавач на комета“, кураторот Емил Алексиев, каде што се осврнува и на книжевното творештво на Јаневски.
За неговото ликовно творештво, кое не е многу познато во јавноста, меѓу другото ќе посочи и дека Јаневски создаде огромен број волшебни илустрации за книги, пред сѐ за деца, и цртежи што ги илустрираат неговите песни, но исто така во одделни периоди од својот живот работи и маслени слики.