Мора стратешки да ги диверзифицираме нашите доставувачи и масовно да инвестираме во обновливи извори на енергија, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.
Таа оцени дека Европската Унија останува премногу зависна од рускиот гас.
Фон дер Лаен ја поддржа одлуката на Берлин да го прекине процесот на сертификација на гасоводот „Северен тек 2“ до понатамошно известување поради одлуката на рускиот претседател Владимир Путин за признавање две самопрогласени републики во источна Украина.
– Германија е во право за „Северен тек 2“. Гасоводот мора да биде тема во однос на снабдувањето со енергија за цела Европа. Сè уште сме премногу зависни од рускиот гас. Треба стратешки да ги диверзифицираме нашите доставувачи и да инвестираме многу во обновливите извори на енергија – напиша Фон дер Лаен на Твитер.