Ваква несреќа, да бидеш дел од „два света“, споделуваат неколку држави во Европа и светот. Таа коб ја носат Украинците, ја носат Полјаците, а веројатно ја носиме и ние. Тоа налага извонредна свест за себеси, а особено неверојатен усет за геополитичките поместувања
Уште една потврда дека историјата се повторува. Вториот пат како фарса, се разбира. Во истиот месец – февруари, кога за првпат модерниот свет ја договори историската поделба на сферите на влијание, дури и на истиот простор, во Јалта, на Крим – светот повторно е пред историска поделба. Откако во 1945 година, тројцата светски лидери Черчил, Рузвелт и Сталин се договорија од името на Британија, САД и СССР, за поделба на „пленот“ по падот на нацистичка Германија, деновиве можеби стоиме пред истата историска меѓница кога се прекројува светската, особено европската мапа на влијание. А таа меѓница понекогаш се покажува и како бездна. Дали светот ќе успее да се извлече од неа останува да видиме во деновите што следуваат.
Рускиот претседател, Владимир Путин, пред два дена имаше „драматично“ обраќање, во кое ја „фрли коцката.“ Веројатно, по Цезаровата Alea iacta est, овој говор на Путин е втората коцка по која нема враќање назад. Рубикон е преминат. Униполарниот свет каков што го знаевме досега, веќе е мртов. Во своето обраќање, Путин меѓу другото ги призна самопорогласените републики Донецк и Луганск, со што го отвори патот за влез на руска војска на „сопствената“ територија. На ова му претходеше силна, пред сè, медиумска кампања од САД и сојузниците, кои го „антиципираа“ овој потег на рускиот претседател. Кампања што дури и украинските власти молеа да се запре, од што беше евидентно дека и самите станаа свесни во која игра ги вовлекоа, пред сè токму нивните сојузници. Но и за нив нема враќање. Впрочем, токму тие, Украинците и Украина, ќе бидат најголемата колатерална штета од судирот на интересите на САД и Русија.
Нема детално да навлегуваме во далечната, дури и поблиската историја на руско-украинските односи, но, сепак, многу кусо ќе го исцртаме тој историски контекст, на кој реферира и самиот Путин во своето обраќање. Имено, факт е дека Украина е „најромантичниот дел“ од руската историја, како што веројатно би рекле Бугарите за нас. За Киев, нив ги врзува силен сентимент: кнезот Владимир, во X век, токму од Киев започнува да ја шири својата власт, која подоцна ќе прерасне во огромното Руско Царство. Од Киев, православието влегува во Русија преку Византија, во 988 година. Периодот на кнезот Владимир (980-1015), а подоцна и на Јарослав (1019-1065), претставува „златна доба“ на т.н. киевска Русија. Од тоа наследство, Русите и да сакаат, не можат да се ослободат.
Во таа смисла историски, Украинците својата етногенеза навистина ја споделуваат со Русите, но тие процеси на ферментација на посебноста на украинската нација започнуваат малку порано од она што Путин се обиде да го прикаже во својот говор – дека се „творба на комунизмот“. Тие не се „творба на комунизмот“, никако не „вештачка“ творба, а особено не се „подарок“ на Ленин. Процесите на создавање на украинската нација се започнати малку порано од она што сакаше да го прикаже Путин. Етногенезата на украинската нација започнува многу порано од ерата на СССР. Со комунизмот, тие само ја добија својата „логична“, историска разврска. Украинската нација, свеста за својата самобитност ја изострува уште во XII-XIII век, особено во периодот на монголско-татарското ропство на Русија, во периодот од два века. Тоа ропство ја оддалечило Украина од Русија, меѓу другото, благодарение на тоа ропство, започнале да ферментираат процесите на посебност на Украинците. Дополнително, Украина отсекогаш историски била „портата“ за влегување на западното влијание кон Русија. Украина, за Русија била „Ахиловата петица“, но за самата Украина тоа значело суштинско влијание врз нејзината историја, култура и идентитет. Идеите на секуларизацијата, модернизацијата, католицизмот, па и протестантизмот и некои унијатски движења, оставиле длабока трага врз Украинците, што јасно ги дистингвирало од рускиот народ.
Да, тие се братски народ. Но како и во животот на поединецот, така и во животите на заедниците – дури и да се „браќа близнаци“, тие сепак се посебни личности, засебни индивидуи. Кога се такви историските околности, и „обата браќа“ треба да го имаат на ум тоа. Што значи и обете држави треба да се однесуваат во согласност со своето „братство“, т.е. да ја чуваат и негуваат свеста за своето „сродство“, но и да ја уважуваат својата посебност. Во украинскиот случај тоа би значело веројатно Украинците да го уважуваат фактот дека не може да се побегне од „братството“, а Русите да ја уважуваат посебноста на „братот“.
Ваква несреќа, да бидеш дел од „два света“, споделуваат неколку држави во Европа и светот. Таа коб ја носат Украинците, ја носат Полјаците, а веројатно ја носиме и ние. Тоа налага извонредна свест за себеси, а особено неверојатен усет за геополитичките поместувања. Во случајот со Украина го видовме недостатокот токму на тоа. Слепа, просто месијанска верба во ветувањата на Западот и немање усет за „нужното“ историско и геополитичко братство со Русија. Истото тоа го прави и Русија. Токму од тие причини и двете страни (Русија и САД) не ја гледаат Украина како партнер, туку единствено како „паричка за поткусурување“. Погледнете ги само медиумите и ќе сфатите – сите ги следиме „западните“ медиуми и ставови за Украина и Русија, до нас едвај допира гласот на Русија, а да не зборуваме за гласот на Украина и Украинците. Сите чекаме што ќе кажат западните лидери за Украина, не украинските.
Украинците, веројатно наивни како и ние, целата своја геополитика ја ориентираа на ветувањата на Западот. Да, секој „брат“, дури и во братскиот однос, треба да си ја гледа својата работа и да си го избере сопствениот пат, но од „братството“ не може да се ослободите колку и да сакате. Дури и да се „скарате“ со својот брат, тој останува ваш брат. Вашиот интерес го претпоставува и тој „братски однос“. Токму од тие причини, веројатно најголемата штета во овој судир ќе ја претрпи Украина. Тие ризикуваа сè, за веројатно да добие – ништо. Влезот во НАТО, суштински погледнато, не е првенствено украински интерес, туку интерес на САД и на Западот! За интересите на САД, не за своите интереси, тие се доведоа во оваа ситуација. Секоја власт што не балансира помеѓу интересите на големите сили и која игра на картата на „евроатлантскиот фундаментализам“, самата се става пред изборот да нема никаков избор. На тоа се одлучи Украина, на тоа се одлучивме ние. Во овие пресудни историски мигови, кога светот е пред нова Јалта, ваквите држави не можат да бидат ништо друго освен „паричка за поткусурување“, при што секогаш ќе го извлекуваат подебелиот крај. Тоа најдобро ќе ни се илустрира во деновите што следуваат со Украина. Украина ќе биде колатералната штета, веројатно поделена, опустошена и осиромашена. Веројатно како и ние.
Трајче Стојанов
Авторот е професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот
„Гоце Делчев“ – Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија