Украина – борба со духовите на сопствениот одраз од минатото и либералниот тест од Путин

Додека од понеделникот доцна вечер по наше време стана јасно оти масовната инвазија на Киев е само „мајнстрим-ескалација на можните опции“, уште еднаш се потврди тезата дека планот на Путин е сепак поинаков. Не сакам да звучам арогантно, ама што е, е. Овде ги објаснивме причините зошто истокот на Украина е завршена приказна и како од авион се гледаше дека намерата на Путин е источна Украина. Уште повеќе, можеби со овој потег Путин и го потврди она што само теоретски го загатнавме дека проблемот со Украина или, попрецизно, истокот на Украина ќе се претвори во замрзнат конфликт. Внимавајте, не дебатираме какви ќе бидат последиците за Русија, туку за она што ќе се случува. Како и за секоја работа во која политиката вмешала прсти интерпретацијата на правото (бидејќи сега копјата ќе се кршат околу тоа) ќе зависи од перспективата на оној што го интерпретира правото. Моралната флексибилност во таквите интерпретации е секогаш сама по себе рамката што големите играчи (секако оние што може да си го дозволат) ја поставуваат со цел да го отслика нивниот став по однос на одреден проблем-спор или, во крајна линија, конфликт. Бидејќи идеолошката матрица во таквата интерпретација игра значајна улога, резултатот за еден ист проблем нема да биде ист. Во таквата интерпретација колку е помал оној што се обидува да искаже став толку повеќе излегува од рамките на дозволената морална флексибилност и во очите на слушателот-публиката каде што треба да се испрати пораката е, повеќе или помалку, сериозен, да не речам смешен. Со оглед на тоа што малку сме понапред од опкружувањето во дебатите околу конфликтот во Украина, па ако се навратите на пред едно три недели, ќе видите дека и прашањата за хуманитарната интервенција, како и правото на употреба на сила во име на самоодбрана веќе ги апсолвиравме, за да останеме на тој курс дебатата ќе ја насочиме, како и што ветивме, кон анализата на судирот на концепти во новата геостратегиска трка и обидот за ревизија на светскиот поредок.

Веќе рековме дека за да се разбере ревизионизмот на Путин, мора да се гледа целата слика. Во таа слика, поаѓајќи од либералните концепти, особено од хегемонските позиции на доминација на либерализмот, ризикувате да имате веќе евидентно архаичен пристап. Факт е дека по 2014 година оние што први се обидуваа да објаснат дека големата игра на Путин е почната беа осудувани како некој што има „хенговер“ од Студената војна. Но, што е тука е. Тоа што му се случи на Западот во однос на Путин е неуспехот да се замисли (или како тоа Американците во ек на 9/11 го нарекоа failure of imagination). Додека судирот на перцепции се мачи да признае дека Путин не е комунист, не е повеќе марксист туку детерминист, кој на геополитиката не ѝ приоѓа од либералната логика, пред сѐ, оти му се може, тоа што врвните безбедносни аналитичари се обидуваат да им го пренесат на либералните цивилни господари е дека Путин ги користи сите алатки со кои беше остварена либералната доминација врз светскиот поредок. Поинаку кажано, Путин успеа да направи клон на начинот со кој либералната мисла се обиде и додуша успеа да направи универзализација на вредностите. Она што тој и кинеските лидери, секој на свој начин, успеаја да го изградат во изминатите 20 плус години е хибрид, кој го окупирал секој либерален потег и против кој, за да се борат и справат со него, демократиите ќе мора да сменат нешто, ама сериозно. Во таа насока, во намерата да го оствари она што тој го посакува, Путин ги користи западните методи. Притоа, ирелевантно е дали има морално оправдување или не. На масата и во борбата на крајот на денот тој генералистички вели дека два и два се четири. Или дека два килограми јаболка и три килограми мушмули се пет килограми овошје.
За да не биде несериозен примерот, ќе го објасниме и во правен контекст, бидејќи и овде судирот на концепти има значајна улога. Факт е дека од реалистичкиот и конзервативен пристап на меѓународното право, упадот во Украина по унилатералното признавање на сепаратистичките оспорени територии е прекршување на меѓународното право. Факт е дека дебатата за правната оправданост Путин ја почнува од вториот кат, од каде што понатаму е во право, а не од приземјето, каде што веќе го прекршува меѓународното право. Тоа, со други зборови, значи дека пред да почне да се качува кон проблемот, Путин го нарушил суверенитетот на Украина. Тука, во оваа приказна, немаат никаква врска сите заложби што Русија, а особено Кина ги прави за принципот на суверенитет на меѓународен план.

Тука се важни целта и интерпретацијата или како што тој ја кажува манипулацијата, која, за волја на вистината, од периодот по Студената војна Западот ја наметна како преседан.
Е, сега, тоа што сите регионални играчи, кои најверојатно студирале додека се случувала таа морална флексибилност врз постојните принципи на правото, коментираат пред човек што ги живеел е нешто друго. Независно од тоа дали тоа што на Путин ќе му укажете дека го прекршил меѓународното право или не, ќе има влијание врз него, она што е интересно е да се разберат следните потези во ревизионизмот што следува. Оти само така ќе може да се направи и соодветен „апдејт“ на демократијата ако сака да опстане. Во меѓувреме, Путин заедно со Кси креираа свои клонови од либералниот поредок. Тие клонови сепак имаат своја логика. Проблемот е што овие клонови ги користат сите грешки и пропусти од минатото кога на либерализмот му се можело, а за кои лидерите (освен Бајден и до некаде Џонсон) не се свесни. Но, за разлика од либерализмот, прагматизмот кај авторитарните лидери има поинаква основа. Тој е базиран на ирелевантноста на времето, историјата и форсирањето на своите интереси, без разлика на моралот. За нив, за разлика од либерализмот, времето е ирелевантно. Додека либералните лидери се борат со изборни циклуси и мора да прават отстапки за да го задоволат јавното мнение, таков багаж кај другиот табор нема. Дополнително, додека нуспродуктот што либерализмот го создаде преку екстремно моќните индивидуи во финансиска смисла е нешто на кое либералните политичари му се поклонуваат, клонот на либерализмот си го зема тоа од нив, бидејќи знае дека и онака тие го стекнале тоа нелегално (гледано во апсолутна смисла) или манипулативно. Додека либерализмот во регионите како нашиот, на пример, се бори со методи што имаат цел да градат капацитети, па во таа насока протекционизмот, кој е воден од нивните центри на моќ, ни го испорачуваат како двоен стандард и од целиот бучкуруш верглаат исти фрази, кои, за жал, со право се пролиферуваат од квазипатриотски медиуми, нивните клонови едноставно доаѓаат, си склучуваат договори зад затворени врати и со морална флексибилност и во дух на либерализмот го испорачуваат како добробит за рајата.

Е, сега, како и секаде, некој локален шериф, кој уште во понеделникот излезе јавно да каже дека работата е „оф леле, мори мајко, што ќе правам сега“, најверојатно ќе мора да испорача лојалност, која мислел дека е евтина и ќе ја добие со финти за пред рајата. Најстрашно од сѐ, сепак, е кога клонот е само што ќе ги користи празните одови на либерализмот (читај, корупцијата, организираниот криминал, клиентелизмот, изгубените вредности, квазипатриотизмот, уништеното образование, а со тоа и иднина) туку ќе ги испорача како свој „драјвер“ во остварувањето на целта. Па, оттука, ќе имате хибрид-дипломатија, која за домашна или регионална употреба (сеедно) ќе возвишува хуманизам и ќе миже пред сепаратистички процеси што се под притисок да се легализираат и мава со прагматизам, а за по надвор ќе продава конзерватизам и со право ќе артикулира меѓународно право. На другата страна, пак, повторна инверзија, кај квазипатриотите, кои ќе ве убедуваат дека тоа е фер за надвор, ама за по дома или во соседството е либерален блуд. Уште повеќе, кај оние што нам ни се сервираат како лидери (Европејците, де), кога ќе имаат потреба целта, а не срцевината на демократските механизми е битна (читај референдуми), ама кога тоа ќе е малку пожешко, па ќе треба да го испорачаат на своја кожа, е тогаш либерализмот се менува со национален интерес – национализам, де (оти онака либерално кажано е страшно лош!). Во една таква околност, драги мои, ако демократијата не започне кохезивен процес на интеграција и го спречи бучкурушот на регионалните хегемони, тешко ѝ се пишува во обидот да се справи со духовите што сама ги креирала.

Методи Хаџи-Јанев

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.