Вчеравечер, кус временски период беше отежнат или блокиран пристапот до веб-страниците на Народната банка и домашните банки, како резултат на ДДоС напад. Ова беше надминато во најкус рок преку мерките кои беа преземени од страна на Народната банка, банките и веб-провајдерите. Безбедноста, односно доверливоста и интегритетот на податоците, во ниту еден момент не беше доведена во прашање, соопшти Народна банка.

Во согласност со глобалните трендови, Народна банка, заедно со банките, постојано работи на зајакнување на отпорноста на информативните системи, ги следи новите закани поврзани со дигиталниот простор и континуирано презема мерки во насока на унапредување на сигурносните заштити.

„Моќната грчка армија“ тврди дека ги нападнала македонските банки

ДДоС е напад на веб-страниците, во кој огромен број на фиктивни клиенти од различни локации се преправаат дека сакаат да добијат информации од страницата, поради што серверот се преоптоварува и му треба повеќе време за да одговори на барањата од реалните корисници. Но, во ваков случај ниту се исклучува сервисот, ниту пак се менува содржината на веб-страницата – се вели во соопштението на Народна банка.

Претходно ТТК банка соопшти дека успешно е спречен хакерски напад врз нејзината интернет-страница, по кој нема последици, како и дека случајот е пријавен во МВР.

Интернет-страниците на банките функционираат утринава.

Наводната грчка хакерска група од твитер-профилот „Моќна грчка армија“ на Твитер изнесе тврдења дека извршила хакерски напади врз неколку македонски банки.