Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, како членка на Управувачкиот комитет на Мрежата на жени лидери во јавниот сектор за климатски прашања (Women Public Sector Climate Leaders Network), се вклучува во утврдувањето на нејзините стратешки насоки и во европскиот дијалог за климатските политики, чистата енергија и одржливите инвестиции.
Божиновска денеска во Брисел учествува на основачкиот собир на Мрежата, посветен на спроведувањето на климатските цели, забрзувањето на енергетската транзиција и поврзувањето на јавните политики со инвестициите и технолошкиот развој.
– Управувачкиот комитет е задолжен за утврдување на стратешките приоритети на Мрежата и придонесува во подготовката на дијалозите на високо политичко ниво. За Македонија, учеството на министерката отвора можности за размена на искуства и воспоставување контакти за идна соработка во областа на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и модернизацијата на инфраструктурата. На дневен ред се и климатската отпорност, заштитата на водните ресурси, циркуларната економија, како и примената на дигиталните технологии и вештачката интелигенција. Посебен акцент е ставен на соработката меѓу владите, европските институции, финансискиот сектор и бизнис-заедницата за остварување на климатските цели, информираа од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Мрежата е основана од Women Political Leaders (WPL), во партнерство со Мрежата на жени лидери за климата на Групацијата на Европската инвестициска банка. Нејзината цел е да се зајакне улогата на жените на раководни позиции во јавниот сектор во креирањето и спроведувањето на климатските политики.
































