Фото: Илустрација/Архива

Граѓаните од ризичните групи можат да се пријават за бесплатна вакцинација против сезонски грип преку интернет-страницата vakcinacija.mk, информира Министерството за здравство.

Со пополнување на електронската форма, граѓаните се регистрираат за вакцинација директно во системот „Мој термин“. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, тие ќе добијат СМС-порака со точниот датум и час за вакцинација, на пунктот што го избрале при пријавувањето.

Бесплатната вакцинација е наменета за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од шест месеци до пет години.

Од Министерството за здравство посочуваат дека вакцинацијата е најефикасна мерка за превенција од сезонски грип и помага во спречувањето потешки форми на болеста, компликации и смртни случаи, особено кај лицата од ризичните групи.