Хрватска
Башким Османи, кого полицијата на неколку европски земји го сомничи дека е водач на еден од најмоќните албански криминални кланови, е уапсен во Хрватска и се чека негово предавање на Шпанија, каде што било неговото последно престојувалиште. Да потсетиме, Османи е уапсен во хотел во Пореч, Хрватска, под сомнение дека учествувал во меѓународен шверц на кокаин од Јужна Америка во Европа. Според шпанските медиуми, тој имал база во Мајорка.
Неговото апсење предизвика огромно медиумско интересирање и покриеност, бидејќи апсењето на толку високорангиран водач на криминална организација не се случува секој ден, а дополнително во јавноста испливуваат нови детали за неговиот живот и активности, кои ја дополнуваат сликата за него.
Како особено интересна пикантерија поврзана со Башким Османи е сознанието дека тој организирал најмалку 10 „самити“ на мафијашки босови на Мајорка, и тоа еднаш додека на тој остров имало собир на Европол, пишува „Ултима хора“ (ultimahora.es).
– Според полициските информации, тој управувал со својата криминална империја од својата луксузна вила во Камп де Мар. Оваа прекрасна куќа е претресена во полициска акција, а истражителите продолжуваат да ја пребаруваат. Интересно е тоа што тој на Мајорка собрал мафијашки босови од целиот свет. Полицијата верува дека тие се сретнале во луксузни хотели на островот и таму разработиле бизнис-планови. Во исто време со „самитот“ на островот имало и полициски конгрес – пренесуваат медиумите.
Според она до кое дојдоа новинарите, состаноците секогаш се одржувале во текот на летото, последниот бил на крајот на јуни и почетокот на јули минатата година. Како што е утврдено, на нив биле присутни мафијашки босови од Италија, Балканот и Косово, пренесуваат медиумите.
Башким Османи и неговата криминална група, според шпанските медиуми, се обвинети за перење милиони евра нелегални пари преку разни бизниси низ островот.