Стекнале светска слава настапувајќи во циркус, се венчале со две сестри, си купиле фарма во САД и го смениле презимето, но потоа едниот почнал да пие…
Првите сијамски близнаци
Чанг и Енг се родени на 11 мај 1811 година во Сијам, денешен Тајланд. Тие биле близнаци сраснати со левата, односно десната страна на градниот кош, но сепак стекнале светска слава поради своите анатомски аномалии. Како резултат на нивната слава, терминот „сијамски“ почнал да се користи за сите близнаци споени со некој дел на телото, од која било националност.
Во овој случај, Чанг и Енг биле споени со цевчесто ткиво со должина од осум сантиметри и пречник од 3,8 сантиметри. Мајка им била полукинезинка, а татко им Кинез. Нивната анатомска посебност е причината што тие уште како деца станале популарни, па дури биле примени и од кралот на Сијам. Во 1829 година, Чанг и Енг биле „изнајмени“ од страна на еден британски трговец. Ја напуштиле земјата и во текот на наредната деценија патувале низ САД и Канада, Куба и Европа. До 21-та година патувале со својот спонзор, кој заработувал од тоа што практично ги „изложувал“, но по стекнувањето на полнолетството почнале самостојно да организираат турнеи и заработиле вистинско мало богатство. Патувале со циркусот на П.Т. Барнум и настапувале под името „Сијамски близнаци“. Се населиле во Маунт Ер во Северна Каролина и станале американски државјани. Си купиле фарма и почнале да се занимаваат со земјоделство. Станале Американци и го зеле презимето Бункер, а во април 1843 година се венчале со двете сестри Аделаид и Сара Јејтс. Чанг и Енг имале домаќинства на оддалеченост од два и пол километри. Наизменично оделе во тридневни посети кај своите сопруги, а секој имал по неколку деца. Во текот на Американската граѓанска војна изгубиле голем дел до парите, а во 1869 г. уште еднаш заминале на турнеја низ Европа.
Чанг, кој бил повесел од Енг, почнал да пие. Во 1870 г., додека се враќале во САД по успешна турнеја, Чанг имал паралитички мозочен удар. Четири години подоцна, и двајцата умреле, прво Чанг, а по три часа и Енг. Обдукцијата покажала дека црниот дроб и на двајцата бил споен преку заедничкото ткиво.
Откако првпат стигнале во САД, лекарите им предлагале хируршки да ги разделат. Поради сомневања во сигурноста на операцијата, како и поради грижата на близнаците еден за друг, тие одбиле да се оперираат.
Биле извонредни стрелци и можеле да трчаат и да пливаат. Тие, според многубројните сведоштва, функционирале одлично како тим.