Норвежанката Марте Олсбу Ројзеланд веќе освои три злата и бронза во Пекинг, но има шанса да стане и првата со шест медали од едни ЗОИ

ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПЕКИНГ

Норвешката биатлонка Марте Олсбу Ројзеланд го освои третиот златен медал на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, во трката на 10 км. Ројзеланд (31) претходно освои уште две злата, во спринтот на 7,5 км и во мешаната штафета, како и бронза во трката на 15 км, поединечно. Таа е првата спортист(ка) со четири медали на овие ЗОИ и има шанса да стане првиот зимски олимпиец во кој било спорт со шест медали од едни Игри. Ројзеланд во Пекинг ќе настапи во штафетната трка 4×6 км и во трката на 12,5 км, масовен старт.
– Добро се подготвив за овие Игри, кои долго време со нетрпение ги очекував. Многу сум среќна што сум тука и што можам да извозам добри трки. Секој медал е посебен на свој начин. Едноставно уживам тука, се смеам и се забавувам – вели Ројзеланд, водечката и во Светскиот куп (СК) во биатлон, која е речиси непобедлива во 2022 година.
Ројзеланд на Игрите во Пекинг веќе забележа неколку историски достигнувања. Нејзината победа со разлика од 96 секунди над Швеѓанката Елвира Оеберг на трката на 10 км е најголемата разлика во која било олимписка дисциплина во биатлон. Таа е третата спортистка што освоила злато во спринт и на 10 км, втора со четири медали во биатлон од едни Игри и четврта Норвежанка што освоила најмалку три златни олимписки медали.
Ројзеланд, повеќекратната светска првенка, блесна на ЗОИ 2018 година во Пјонгчанг, каде што освои две сребра, во спринт и во мешана тимска штафета, нејзините први големи индивидуални титули. Оттогаш таа не престана да победува. Во 2020 освои медали во сите седум дисциплини на Светското првенство (СП) во биатлон во Италија, зацврстувајќи го статусот на најуспешна биатлонка на СП.
– Мојата цел никогаш не беше да бидам најдобра на светот прекуноќ, туку да се подобрувам секојдневно – напиша Ројзеланд на својата интернет-страница.