Годишниот извештај на УЕФА, „Европски клупски фудбалски пејзаж“, покажува дека вкупниот ефект на влијанието на пандемијата врз приходите на клубовите во текот на сезоните 2019/2020 и 2020/2021 се очекува да изнесува седум милијарди евра. „Извештајот дава отрезнувачки детали за постпандемиските предизвици што нѐ очекуваат, но, исто така, ги илустрира извонредната робусност и издржливост на европскиот фудбал, со неговиот унифициран пристап. Пандемијата само ќе нѐ направи посилни. Кризата со ковид-19, исто така, истакна колку фудбалот е дел од структурата на европскиот живот. Фудбалот беше вистински спас за многумина. Без разлика дали пандемијата ќе остане или ќе замине, европскиот фудбал ќе остане силен, стабилен и обединет во 2022 година“, вели Чеферин

АЛЕКСАНДЕР ЧЕФЕРИН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УЕФА

Европската фудбалска унија (УЕФА) го објави новото издание на годишниот извештај „Европски клупски фудбалски пејзаж“, за европскиот клупски фудбал, кој годинава дава и ажурирање за сеизмичкиот ефект што го имаше втората година од пандемијата на коронавирусот врз врвните клубови. Според извештајот, поголемиот дел од изгубените приходи, 4,4 милијарди евра (таа сума и расте), се од приходите за влезници, при што овој прилив на приходи речиси е избришан (88 отсто е намален) во текот на финансиската година 2020/2021 како резултат на празните трибини од здравствената вонредна состојба, пишува УЕФА на својата интернет-страница.
Приходите од влезниците придонесоа само со два процента во приходите на клубовите низ Европа (тој приход бил 16 отсто пред пандемијата). Намалувањето на тие приходи имаше големо влијание врз вкупните финансии на клубовите. Извештајот покажува дека вкупниот ефект на влијанието на пандемијата врз приходите на клубовите во текот на сезоните 2019/2020 и 2020/2021 се очекува да изнесува седум милијарди евра.

– Во минатогодишниот предговор изразив надеж дека ќе видиме закрепнување, и тоа го имаме. Со оглед на тоа што сезоната 2021/2022 се приближува до половината, посетеноста покажува знаци на силно закрепнување. Ова е значаен индикатор за состојбата на клубовите, а е постигнат благодарение на големите напори во организацијата на натпреварите и во развојот на ефективни здравствени протоколи низ Европа – вели претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, во предговорот на извештајот.
Публикацијата покажува дека двете клучни форми на клупски приход остануваат силни. Извештајот покажува здрави приходи од телевизиите во 2021 година, по прекинот и попустите во 2020 година. Новиот договор за ТВ-права за 2021/2022-2023/2024 забележа натамошен раст на приходите од правата за емитување преноси. Паричните награди ќе се зголемат на над 2,7 милијарди евра годишно, кои ќе бидат поделени меѓу 96-те клуба што ќе учествуваат во трите клупски натпреварувања, пишува УЕФА. Плаќањата за солидарност за развој на младите, на клубовите што не се квалификуваат за клупските натпреварувања на УЕФА, се предвидува да се зголемат за повеќе од 60 отсто. Од почетокот на Лигата на шампионите повеќе од една милијарда евра им се распределени на повеќе од 1.500 клуба и академии низ Европа за младински инвестиции. Извештајот, исто така, покажува дека играчите на возраст од 23 или помлади сочинуваат 55 отсто од вкупните трошоци за трансфери (по вредност) на 20-те најголеми европски трансфер пазари, во споредба со десетгодишниот просек од 47 проценти. Ова укажува дека клубовите сѐ повеќе веруваат дека вредноста може да се најде кај помладите играчи, со оглед на нивниот потенцијал за препродажба.
Извештајот вклучува детално поглавје за растот и статусот на фудбалот за жени во Европа и покажува дека главен фактор што придонесува во растечката комерцијализација е зголемената изложеност стекната преку преносите на натпреварите. Дваесет од 42-те европски дивизии сега имаат структурирани домашни зделки за преноси на голем број медиумски платформи.

– Една лекција од изминатите две години беше дека европскиот фудбал може да ги надмине егзистенцијалните предизвици како што е пандемијата само со покажување солидарност и заедничка работа. Тоа беше и лекција извлечена од т.н. суперлига, која беше спречена со единството на европскиот фудбал од гледачи, клубови, играчи и национални асоцијации. Овој извештај дава отрезнувачки детали за постпандемиските предизвици што нѐ очекуваат, но, исто така, ги илустрира извонредната робусност и издржливост на европскиот фудбал, со неговиот унифициран пристап. Пандемијата само ќе нѐ направи посилни. Кризата со ковид-19, исто така, истакна колку фудбалот е дел од структурата на европскиот живот. Фудбалот беше вистински спас за многумина. Нема да давам храбри предвидувања за годината што претстои, освен што ќе кажам дека, без разлика дали пандемијата ќе остане или ќе замине, европскиот фудбал ќе остане силен, стабилен и обединет во 2022 година – вели Чеферин.