Со ова ќе се намалат можностите за злоупотреба во периодот додека не се објави решението, а со тоа се намалуваат и ризиците од дополнителен број случаи позитивни на ковид-19
Решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација ќе се објавуваат на веб-страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и дополнително во Службен весник.
Во однос на новата одлука, решенијата за изолација да се објавуваат на веб-страницата на ДСЗИ, ќе се намалуваат можностите за злоупотреба во периодот додека не се објави решението, а со тоа се намалуваат и ризиците од дополнителен број случаи позитивни на ковид-19 .
-За овој начин на доставување на решенијата граѓаните ќе бидат претходно известени преку телефонскиот број оставен во установата каде било извршено тестирањето, а ќе постои можност да биде издадена потврда дека е издадена јавна објава за изолација на писмено барање на граѓаните-информираат владините служби.
Целта е граѓаните да ги добијат решенијата во најбрз можен рок, со цел за брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата од изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување.
Од вчера новата Комисијата за заразни болести е со нов и проширен состав, но сепак со истиот став, апелираше на масовна вакцинација за побрзо завршување на пандемијата.
Проф. д-р Александар Петличковски од Институтот за имунологија и хумана генетика е назначен за претседател на Комисијата за заразни болести, а д-р Злате Мехмедовиќ за нејзин портпарол.