Музичарите сѐ повеќе ги продаваат правата на своите песни. Музичката компанија „Сони“ неодамна објави дека го купила целиот каталог на снимена музика од Боб Дилан, од 1962 година до денес, а во договорот се вклучени и идните изданија и реизданија. Цената не е објавена, но експертите проценуваат дека Дилан за тоа можел да добие 200 милиони долари.
Ова не е прва продажба на неговиот опус. Пред нешто повеќе од една година, Дилан ги продаде авторските права на неговите песни на „Јуниверзал мјузик“ (што се разликува од дискографските права) за, наводно, 300 милиони долари.
Добитникот на Нобеловата награда за литература е само последниот во низата музичари што се решаваат да им ги продадат своите права на големите издавачки куќи и корпорации.
Намалена заработката од продажбата на плочи
Непосредно пред 75-годишнината од неговото раѓање, наследниците на Дејвид Боуви си дадоа голем подарок продавајќи ги правата на целиот негов музички каталог. Тие добија 250 милиони долари за тоа, пишува списанието „Вераети“.
Опусот на Боуви, кој опфаќа шест децении креативност, вклучува повеќе од 25 студиски албуми со хитови меѓу кои „Space Oddity“, „Changes“, „Heroes“ и „Let’s Dance“. Сето ова сега му припаѓа на „Ворнер чапел мјузик“.
Брус Спрингстин му ја продаде целата своја работа на „Сони“. „Ред хот чили пеперс“, Шакира, Тина Тарнер и многу други, исто така, заработија значителни суми со откажувањето од правата на нивната музика. Резултатот е пад на продажбата на плочи, бидејќи луѓето се свртуваат кон платформите за емитување музика, како „Спотифај“. Покрај тоа, имаше пад на приходите од концерти поради пандемијата.
– Не можам да работам. Стриминг-платформите ми ги украдоа парите од плочите… Имам семејство и хипотека и морам да се грижам за нив, така што тоа е мојата единствена опција – објави американскиот кантавтор Дејвид Крозби на Твитер пред една година, одлучувајќи да ги продаде своите права.
Откако ќе се продадат, тешко е да се вратат правата за песна. Но барем на краток рок, уметниците заработуваат големи пари. Се вели дека рок-групата „Ред хот чили пеперс“ заработила околу 140 милиони долари од продажбата на британската корпорација „Хипноузис“.
Се проценува дека Спрингстин е на врвот на листата со рекордна продажба од 500 милиони долари, значителна сума за човек чии песни зборуваат за проблемите на работничката класа.
„Хипноузис“ се смета за пионер во управувањето со правата. Британската инвестициска компанија е основана од Мерк Меркуријадис, музички ветеран што им беше менаџер на Бијонсе, „Ајрон мејден“, „Пет шоп бојс“ и Нил Роџерс, гитарист во дискофанк-бендот „Шик“ и познат продуцент.
Американскиот кантавтор Бери Манилоу, Нил Јанг и Шакира се исто така дел од портфолиото на компанијата. Иако обожавателите на овие уметници често ги обвинуваат дека ги продаваат нивните идоли, од „Хипноузис“ веќе неколкупати изјавија дека музиката ја пласираат исклучиво под услови поставени од уметникот, како на пример во рекламирањето.
Овој потег може да има смисла, особено за младите музичари, бидејќи може да биде финансиски исплатлив дури и за само една песна, бидејќи приходите од стриминг-платформите се релативно ниски во споредба со продажбата на плочи, проблем што често го истакнуваат музичарите.
Вокалистот на „Редиохед“, Том Јорк, се смета за еден од најжестоките противници на стриминг-сервисот и долго време одбива да ја направи својата музика достапна преку „Спотифај“ и другите платформи.
Џексон против Макартни
Поп-ѕвездата Тејлор Свифт дури привремено го повлече целиот свој музички каталог од сите стриминг-сервиси, покажувајќи го нејзиниот став за нивниот начин на плаќање. Свифт има уште посилни ставови за авторските права на песните. Правата на нејзините први шест албуми припаѓаат на „Биг машин рекордс“, откако таа потпиша договор за отстапување на издавачките права на 15-годишна возраст. Оттогаш, правата на нејзините албуми беа препродавани неколкупати, но Свифт никогаш не можеше да ги откупи. Таа неодамна почна повторно да ги снима тие шест албуми за нејзината сегашна издавачка куќа „Јуниверзал“, за да може да ја врати контролата врз нејзината работа.
Расправијата за правата на песните не е ништо ново во музичката индустрија.
Во 1980-тите години, Мајкл Џексон ги купи правата за комплетниот музички каталог на „Битлси“ за 45 милиони долари – што не му одговараше на поранешниот член на групата Пол Макартни. Иако претходно снимија две песни заедно, „The Girl is Mine“ и „Say, Say, Say“, проблемот на крајот го уништи пријателството меѓу Џексон и Макартни, кога Џексон ѝ дозволи на компанијата „Најки“ да ја користи песната на Битлси, „Revolution“, во реклама за патики. Една деценија подоцна, кралот на попот, кој беше во долгови, ги препродаде правата на каталогот на „Битлси“, заработувајќи двојно повеќе од сумата што ја платил.