Доколку ја освои титулата во Мелбурн, рускиот тенисер Данил Медведев би можел да испише нови страници во тениската историја, до кои досега не стигнале ниту Роџер Федерер, Рафаел Надал, ниту Новак Ѓоковиќ.
Со пласманот во полуфиналето на Австралија опен, тој  стана еден од четворицата играчи во историјата на кои тоа им успеа по освојувањето на првиот Грен слем во кариерата, а она што Русинот може да го направи е да стане првиот тенисер кој некогаш освоил трофеј, по освојувањето на неговата прва Грен слем титула (САД опен 2021) во следното натпреварување во највисоката категорија.

– Јас не знаев за овој податок. Изненаден сум што никој никогаш не го направил тоа досега. Ова е голем предизвик за мене. Добив голема самодоверба по САД опен, но ме чекаат многу тешки противници. Ќе морам да продолжам да се борам и да победувам, а ако успеам – ќе напишам историја – изјави Медведев.

Во денешното полуфинале, Русинот го совлада Гркот Стефанос Циципас со 3-1 (6-7, 6-4, 4-6 и 1-6) во сетови и закажа финеле со Шпанецот Рафаел Надал, кој пак беше подобар во дуелот со Италијанецот Матео Беретини со 3-1 (6-3, 6-3, 3-6 и 6-3).

За Надал ова ќе биде шесто финеле на Австралија опен, од кои во претходните пет забележал само еден триумф (2009), а Медведев втор пат во низа ќе игра во завршницата на турнирот во Мелбурн. Во ланското прво финале на Австралија опен Медведев загуби од Новак Ѓоковиќ со 3-0 во сетови (7-5, 6-2,6-2).

Доколку пак во финалето во Мелбурн победи Надал, тој ќе стане рекордер по бројот на освоени Грен слем титули – 21, и ќе има една повеќе од Ѓоковиќ и Федерер.