Претседателот на Владата Димитар Ковачевски ја прими амбасадорката на Шведска во нашата земја Кристин Форсгрен Бенгтсон.
Амбасадорката Кристин Форсгрен Бенгтсон на премиерот Ковачевски му го врачи личното писмо на претседателката на Владата на Шведска, Магдалена Андерсон, во кое таа му го честита изборот на претседател на Владата на Македонија и му посакува нему, и на членовите на неговиот кабинет успех во реализацијата на зацртаните програмски приоритети.
Претседателот на Владата Ковачевски на средбата се заблагодари за поддршката на Кралството Шведска низ сите години на независност на Македонија, уште од воспоставувањето на дипломатските односи во 1993 година.
Ковачевски во разговорот се задржа на прашањата од приоритет на земјава, меѓу кои во врвот се политиките за справување на енергетската и здравствената криза и мерките за елиминирање на последиците по економијата, во чиј фокус се поддршката на инвестициите во реалниот сектор за зачувување на работните места и имплементацијата на реформите.
Во однос на процесот за интеграција на Македонија во ЕУ, премиерот Ковачевски го истакна напредокот на односите со Бугарија кои се повторно вратени на највисоко политичко ниво, и додаде дека воспоставениот дијалог и акциски план на работните групи во повеќе области ветува добра основа за политички решенија на отворените прашања прифатливи за двете страни.
Амбасадорката на Кралството Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон, нагласи дека нејзината земја останува силен поддржувач на Македонија и дека и понатаму ќе го афирмира ставот дека преговорите за членство во ЕУ треба да започнат без натамошно одлагање согласно одлуката на Европскиот совет од март 2020 година.
Амбасадорката Форсгрен Бенгтсон додаде дека Шведска, како најголем билатерален донатор од земјите на ЕУ во земјата ќе продолжи со поддршка на Македонија во повеќе области и дека во претстојниот период ќе се активираат повеќе планирани иницијативи за поголема трговска размена и за дополнителен поттик на компаниите од Шведска да инвестираат во земјата.