Репортажа на „Њујорк тајмс“ од позициите на украинската војска
Украинските војници нервозно набљудуваат, чекајќи во смрзнатиот ров на набљудувачкото место во Свитлодарск, во источна Украина, пишува „Њујорк тајмс“.
Зголемените тензии помеѓу Украина и Русија и стравувањата од конфликт, ги оставија воените аналитичари, украинските и западните влади да нагаѓаат, додека украинските војници веројатно ќе бидат првите што ќе дознаат што се случува.
– Попрво би сакал мир. Имам две деца дома – вели Ихор, наредник кој е ангажиран и како готвач за тамошната единица.
Украина проценува дека Русија има околу 127 илјади војници во близина на нејзините граници, додека Русија во повеќе наврати негираше дека планира инвазија на Украина, тврдејќи дека руската безбедност, всушност, е загрозена, од вежбите на НАТО во близина на руските граници, како и поради испораките на оружје за Украина.
Војниците на истокот на Украина се во неизвесност додека очекуваат разврска.
– Можеби ќе се случи тука, но можеби ќе се случи јужно оттука. Не можеме да знаеме се. Ова е шаховска партија во која не можете однапред да ги видите потезите. Кој што ќе стори на кого. Не знаеме – вели наредникот во украинска војска Сергеј Гошко.
Аналитичарите наведуваат дека Русија има широк репертоар на трикови поради кои е речиси невозможно да се предвиди првиот потег, како што наведува американскиот весник. Во моментов постојат поделени мислења меѓу земјите-членки во НАТО во однос на ситуацијата, во случај на „ограничен упад“, со што дел од нив сметаат дека таквото сценарио е недоволно за конкретен одговор кон Русија.