Компанијата „Мета“, во чии рамки работи „Фејсбук“ најави дека до средината годинава ќе ја заврши конструкцијата на „истражувачкиот суперкластер за вештачка интелигенција“, најбрзиот вештачки суперкомпјутер, кој ќе биде „мозокот“ на „Метаверс“, пренесуваат светските медиуми.
– Развојот на следната генерација на напредна вештачка интелигенција ќе бара нови моќни компјутери, способни да вршат трилиони операции во секунда – се вели во соопштението на „Мета“.
Овој суперкомпјутер истражувачите на „Мета“ ќе го користат за нови модели како што се работата со стотици различни јазици, анализа на текстови, слики и видеа, развојот на нови алатки за проширена реалност… Истражувачите од компанијата „Мета“ веќе започнале да користат нов суперкомпјутер кој делумно функционира.
– Ова ќе помогне, не само да ги задржиме корисниците безбедни на нашите услуги, туку и за во иднина, бидејќи се создава првенствено за „Метаверс“ – се вели во соопштението на „Мета“.
Извршниот директор на „Фејсбук“ Марк Закерберг претходно изјави дека „Метаверс“ е голем проект на таа компанија. Станува збор за виртуелен простор во кој корисниците можат да влезат од различни уреди и да се вклучат во голем број активности, односно да го користат за забава, комуникација, работа…
– Метаверзумот е следната генерација на интернетот, може да се сфати како интернет чиј дел сме и ние, односно интернет во кој можеме да бидеме, за разлика од сегашниот каде што ги гледаме екраните на мобилните телефони или компјутерите – рече Закерберг.
Како што објаснува „Мета“, новиот суперкомпјутер ќе може да обработи егзабајт податоци (повеќе од милијарда гигабајти), што е еквивалентно на висококвалитетно видео кое би траело 36.000 години.