Фото: Пeкселс

Варијантата омикрон успева да опстане подолго на човечка кожа и на пластични површини во споредба со претходните верзии на коронавирусот, открија јапонските научници, а пренесе сајтот „Биориксив“.

Токму оваа екстремно висока „стабилност во околината“, односно високата инфективност и екстремната издржливост му овозможија на омикронот да ја замени делтата како доминантна варијанта и да се прошири со таква брзина, заклучија јапонските научници.

На пластичните површини, просечното време на опстојување на првичниот вид на коронавирус беше 56 часа. На алфа варијантата изнесуваше 191,3 часа, на бета 156,6 часа, на гама 59,3 часа, а на делта-сојот 114 часа. Јапонските истражувачи открија дека на пластични површини омикронот останува околу 193 и пол часа, а резултатите допрва треба да поминат рецензија, како што пренесува „Биориксив“.

На примероците од кожата на човечки труп, просечното време на преживување на коронавирусот беше 8,6 часа за оригиналниот вид, 19,6 часа за алфа-сојот, 19,1 часа за бета, 11 часа за гама-варијантата, 16,8 часа за делта и 21,1 часа за омикрон. Сите варијанти на коронавирус беа целосно отстранети од човечка кожа по изложеност од 15 секунди на средства за дезинфекција на база на алкохол.

– Затоа сѐ уште се препорачува да се продолжи со досегашната практика на хигиена на рацете со средства за дезинфекција на база на алкохол и сапун, во согласност со упатствата на Светската здравствена организација – заклучуваат јапонските научници.