Македонија е подготвена да го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. Ова го најави премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска прими висока делегација од ОБСЕ предводена од високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Каират Абдрахманов, придружуван од шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, амбасадорот Клеменс Која.
За време на разговорот беше потврдена цврстата определба на Владата за заштита на човековите права, функционирањето на правната држава и посветеноста на продолжување на реформскиот процес, владеење на правото, подобрување на капацитетите на судскиот систем, јакнење на борбата против организираниот криминал и корупцијата, и родовата еднаквост.
Ковачевски му упати срдечни честитки на високиот комесар за неговото назначување на оваа важна позиција во ОБСЕ и му посака срдечно добредојде. Притоа тој изрази благодарност кон сите досегашни високи комесари за национални малцинства, кои им дадоа значителна поддршка на македонските институции во последните 28 години.
Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Каират Абдрахманов, истакна дека ОБСЕ има одлично партнерство со Македонија во изминатите три децении и истакна дека тоа е значаен влог во европската иднина на земјата. Тој ги издвои големиот успех и пријателскиот дух со кој Владата на Македонија ги решава билатералните спорови со соседите и изрази надеж дека овој тренд ќе продолжи и во иднина.
Високиот комесар Абдрахманов на средбата истакна дека стратегијата едно општество за сите и интеркултурниот дијалог што го негува Македонија е успешен инклузивен модел и дека заложбите во правец на владеење на правото и законот за унапредување на јазиците се важен чекор кон имплементацијата на европските вредности.
На средбата премиерот Ковачевски ја изрази својата увереност дека Владата во пресрет на претстојното претседателството со ОБСЕ ќе продолжи да ги негува вредностите на праведно мултиетничко општество со еднакви можности за сите во согласност со стратегијата едно општество за сите.
– Годината 2023 ќе биде мошне важна и за Северна Македонија и за ОБСЕ и се надевам дека за време на нашето претседателство со ОБСЕ, што ќе го преземеме в година, ќе имаме целосна соработка и ќе се посветиме на решавање важни прашања – истакна премиерот.
Британија ќе ја поддржи Македонија да обезбеди одржлива енергетска независност
Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја прими британската амбасадорка Рејчел Галовеј, која што на него и на новата Влада им посака успешен мандат и остварување на програмските приоритети.
Како што се наведува во владиното соопштение, премиерот на средбата ја изразил благодарноста на Владата и на граѓаните за традиционалното пријателство со Обединетото Кралство. Галовеј потврдила дека Обединетото Кралство останува силен поддржувач на клучните реформски процеси во Македонија.
– Како силен и долгогодишен партнер на Северна Македонија ги поддржуваме нејзините аспирации да стане членка на Европската Унија. Ќе продолжиме да работиме заедно за просперитет на земјата во насока на економска соработка и ќе продолжиме да ја поддржуваме енергетската стратегија на Северна Македонија и нејзината посветеност за целосна и одржлива транзиција кон обновливи извори на енергија – рекла британската амбасадорка на средбата.