Реакција на ОМО Илинден – Пирин за изјавата на Кирил Петков за македонското малцинство во Бугарија
Колку е апсурдно чувството да се кажуваат очигледни лаги, во кои никој, освен измамените граѓани на Бугарија, не верува, се вели во реакцијата на ОМО Илинден – Пирин за изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков за македонското малцинство во Бугарија. Ви ја пренесуваме реакцијата во целост
„За жал, со изјавата дека во Бугарија нема македонско малцинство, бугарскиот премиер Кирил Петков, се вклучи во тоталитарната штафетна трка, која ја започна Тодор Живков, пренесувана како срамна зараза преку Бојко Борисов и Красимир Каракачанов, па се до него. Срамно друштво и срамна болест. И срамен почеток на мандатот на премиерот, на кого се полагаат толку многу надежи. Но, што може да се очекува кога тој падна во коалиција во која има толку духовни внуци на Тодор Живков? Колку е апсурдно чувството да се кажуваат очигледни лаги, во кои никој, освен измамените граѓани на Бугарија, не верува.
Прогонот и асимилацијата врз македонското малцинство беше првиот процес што го иницираше Тодор Живков и единствениот кој сè уште не е запрен или осуден. Ова е последната тоталитарна политика во Европската Унија и како таква е бугарски срам за Европа. Негирањето на македонското малцинство во Бугарија е срам за бугарската држава и демократија.
За жал, во Бугарија, лагата е претворена во национално достоинство, беззаконието во ред, кршењето на човековите права во морал, а асимилацијата и дискриминацијата како дел од животот.
Но, не само Петков, туку и милиони да ја повторат лагата дека во Бугарија нема македонско малцинство, тоа нема да ја претвори во вистина, ниту пак да ги снема Македонците. Зборовите на оние кои ја негираат вистината немаат моќ да го сменат фактот дека во Бугарија има и ќе има македонско малцинство. Затоа што вредност и важност има гласот, не на оние кои негираат, туку гласот на оние кои се самоопределуваат и ќе продолжат да се самоидентификуваат како Македонци, како што се нивните татковци и дедовци.
Колку побрзо Бугарија се ослободи од лагата дека нас нѐ нема и од останатите лаги за Македонија и Македонците, толку подобро ќе биде и за неа и за сите граѓани на Бугарија и на Балканот.
На премиерот му посакуваме брзо закрепнување од овој срам и од оваа болест! Вакцината против неа е вистината. Друго не постои.“