Една нова студија сугерира дека поседувањето куче ублажило некои од негативните психолошки влијанија на пандемијата на ковид-19. Истражувачите од Сент Луис откриле дека оние што поседуваат куче биле значително помалку депресивни од оние што немаат миленичиња. Во студијата, објавена во списанието „Плос ван“, биле анкетирани 1.535 лица во САД за нивното ниво на депресија, анксиозност и среќа.
Оние што поседуваат куче рекле дека чувствуваат дека им е достапна поголема социјална поддршка (70 проценти), во споредба со оние што немаат (65 проценти).
– Ова ниво на социјална поддршка, веројатно, имаше ефект на ублажување на негативното влијание на пандемијата на ковид-19 – се вели во студијата.
Меѓутоа, студијата не откри разлика во оцените за среќа и анксиозност меѓу двете групи. Истражувачите рекле дека нивните откритија покажуваат дека кучињата можат позитивно да придонесат за благосостојбата на сопствениците во тешки времиња.
– Се смета дека кучињата се грижат за своите сопственици со давање безусловна љубов. Милениците обезбедуваат удобност и рекреација и го одвлекуваат вниманието од грижите. За разлика од другите социјални интеракции, обично не се потребни посебни социјални вештини за да се предизвика позитивна реакција од домашно милениче – се вели во студијата.
Претходно, истражувањето на универзитетот „Јорк“ покажа дека од речиси 6.000 анкетирани луѓе во Велика Британија, 90 отсто рекле дека нивното милениче им помогнало подобро да се справат за време на ограничувањата на пандемијата.