Почина Марјан Додовски, првиот министер за животна средина и просторно планирање од 1998 до 2002 година. Неговата поранешна сопруга, Иванка Василевска, соопшти дека тој починал во болница. Додовски беше и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието од 2006 до 2008 година, а потоа и член на Советот на Град Скопје. Како што соопшти Василевска, тој починал ноќеска.

– Во длабока жал ве известуваме дека ноќеска, на државната клиника, прерано нѐ напушти Марјан Додовски. Марјан беше голем и посветен борец за Македонија, прв министер за животна средина и просторно планирање на ВМРО-ДПМНЕ, во својата плодна кариера извршуваше бројни партиски и државни функции но, пред се и најважно од се тој беше татко на мојата, на нашата Марија Додовска. Не остави во голема жалост, а Македонија изгуби голем човек. Марјан почивај во мир! – напиша Василевска, поранешан сопруга на Додовски.

Неофицијално, Додовски се лекувал на една од државните клиники од коронавирус, каде починал поради компликации од вирусот.

Инаку, Додовски извршуваше и повеќе партиски функции во ВМРО-ДПМНЕ, каде е член од 1990 година. Тој беше член на Извршниот комитет, претседател на Комисијата за животна средина, координатор на изборни единици. Исто така, Додовски извршуваше функции и во ВМРО Народна партија, каде беше и претседател.