Многу работи се случија на новогодишната турнеја во речиси 70 години, во која свои моменти имаа, на пример, Свен Ханавалд, Камил Штох, Рјоју Кобајаши, Јане Ахонен, Јукио Касаја, Инголф Морк…
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Често се пишува историја на традиционалниот настан во скијачки скокови, „Четирите скокалници“. Сега 70-то издание на новогодишната турнеја е на програмата (без гледачи) во Оберстдорф (в среда), Гармиш-Партенкирхен (в сабота), Инсбрук (4 јануари) и во Бишофсхофен (6 јануари). Во продолжение за некои клучни моменти на натпреварот што се одржува од 1953 година.
– На 6 јануари 2002 година, Свен Ханавалд ја круниса кариерата, тој беше првиот што победи на сите четири натпревари на едно издание, пишува германскиот спортски дневен весник „Кикер“. Ханавалд (47) сега не е сам со четири победи, во сезоната 2017/2018, Полјакот Камил Штох го повтори подвигот, а една година подоцна и Јапонецот Рјоју Кобајаши.
– Изданието во сезоната 2005/2006 влезе во историските книги, бидејќи Финецот Јане Ахонен и Чехот Јакуб Јанда ја поделија вкупната победа по осум скока. Тоа никогаш не било пред или потоа на Турнејата. Рекордерот на „Четирите скокалници“, Ахонен, и неговиот ривал Јанда освоија по 1.081,5 поени. „Има два вкупни победника и два автомобила од 33.000 евра како награда“, рече тогашниот портпарол на Турнејата.
– Поради невремето на познатата скокалница во Инсбрук, натпревар од новогодишната турнеја мораше да биде откажан првпат во јануари 2008 година. Тој натпревар се одржа набргу потоа во Бишофсхофен, каде што се одржаа два натпревара таа година. Имаше сезони во кои, во зависност од времето и од ветерот, можеше да се одржи само една серија скокови, но уште не се случило да има само три натпревари на едно издание на „Четирите скокалници“.
– Орелот Еди, чие вистинско име е Мајкл Едвардс, е култ. Во осумдесеттите, Британецот виде ТВ-пренос од Турнејата и реши самиот да учествува на традиционалниот настан, пишува „Кикер“. Тој речиси беше претплатен за последното место, но неговата приказна беше интересна.
– Во сезоната 1971/72, Јукио Касаја од Јапонија победи на натпреварите во Оберстдорф, Гармиш-Партенкирхен и во Инсбрук. Но тогаш тимот на Јапонија замина рано за да се подготвува за Зимските олимписки игри во Сапоро, пишува „Кикер“. Касаја ја испушти шансата за историска победа со четири поединечни триумфи, а наместо тоа, Норвежанецот Инголф Морк таа сезона го освои трофејот, без ниту една индивидуална победа.