Во конкуренција на 10 учесници од пет држави, Николовски освои 7,5 поени од девет партии, а Ристески е втор со половина поен помалку

ШАХ – НА ЗАТВОРЕНИОТ ТУРНИР ВО АРАНЃЕЛОВАЦ

Македонските млади шаховски надежи, репрезентативци и членови на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски (23) и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Емил Ристески (17) постигнаа голем успех на меѓународниот затворен шаховски турнир во Аранѓеловац (Србија), со просечен рејтинг од 2.241 поен. Во конкуренција на 10 учесници (еден велемајстор, 3 ИМ, 1 ФМ, 1 ЖФМ) од Србија, Русија, Индија, Турција и од Македонија, Николовски (2.359 рејтинг-поени, рангиран на првото место пред турнирот), го освои првото место со 7,5 поени од девет партии (шест победи и три ремија), остварувајќи играчки перформанс од 2.459 поени и освојувајќи нови 6,8 рејтинг-поени.
– Задоволен сум од мојот настап, сметам дека добро одиграв. Турнирот беше релативно тежок, имаше многу млади шахисти, кои се бореа да освојат норма за ИМ, а повеќето од нив играа подобро од својот моментен рејтинг. Целта на турнирот ми беше да освојам нови рејтинг-поени и да пробам некои нови отворања, па тоа беше успешно остварено. Секако, резултатот ќе послужи и како мотивација за уште повеќе работа и следни натпреварувачки успеси – вели Николовски.
Ристески (2.337, рангиран на четвртото место) го освои второто место со половина поен помалку (пет победи и четири ремија), со играчки перформанс од 2.450 поени и новоосвоени 26,2 рејтинг-поени. Но она што посебно радува е фактот што Ристески освои и прв бал (норма) за ИМ. Македонските шахисти се сретнаа во третото коло и нивниот дуел заврши со реми.
– Задоволен сум од прикажаната игра и од остварениот резултат, а посебно што ја освоив и првата норма за ИМ. Планот ми беше веќе годинава да станам ИМ, но, ете, сега целта ќе биде да го сторам тоа што поскоро во иднина – ни изјави Ристески.
Македонија моментно има осум интернационални мајстори меѓу првите 100 на македонската активна рејтинг-листа.