Она што требаше да го научиме од се што ни сѐ случува е дека и она што е наше нема само да си дојде ако не се потрудиме да го задржиме и да го зачуваме – од здравјето до националниот идентитет
Како едвај да чекаме да влеземе во мод на чекање! Да заборавиме, или барем да го оставиме настрана притисокот на предизвиците, на амбициите, на потребите за живот во реалноста… и да се препуштиме на вербата во чекањето на она „што е наше ќе си дојде“. Па, веќе се препуштивме на чекање Нова година, чекање училиштен распуст, чекање нова влада, чекање на омикрон-сојот, чекање одговор од Бугарија на нашиот одговор на нивниот предлог… и, секако, во листата на чекање никако не смее да се заборави – чекањето датум за почеток на преговори за членство во ЕУ.
Всушност, сите чекања и очекувања во Македонија, од државни, општествено-политички, па до лични, некако излегува дека мора да бидат поврзани со големото чекање на датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Притоа, особено важно за усовршување на вештината на чекање е да се остави впечаток дека постојано се брза, дека никој нема време за чекање и дека сѐ требало да биде готово уште вчера. Кој најуспешно остава впечаток дека брза во чекањето, може прв да го „затвори шалтерот“ и да ги остави сите други на чекање до „крајниот рок“. И никако да дојдеме до златната средина на одржување континуитет во работата, туку функционираме според принципот на крајностите: или чекаме работите да се решат сами од себе, да ги реши некој друг…, или дејствуваме под притисокот на крајниот рок.
Уште од есента, всушност од локалните избори, во македонскиот политички амбиент се форсира наративот за брзи решенија, ефикасна комуникација со Бугарија за постигнување услови за почеток на преговорите за членство во Унијата. Паралелно, но и условено од успехот во евроинтеграциите, беше наметнат процесот на оставка на премиерот и реконструкција на Владата, која би продолжила поефикасно да ги води процесите. По третиот евроинтеграциски епилог со вето од Бугарија, конечно е ефектуирана и оставката на премиерот и на Владата. Веќе течат роковите за формирање нова влада, но се чини дека сега процедуралните рокови ќе се користат до максимум. Па, како што стојат работите, ефикасна и легитимна влада во Македонија нема да има до крајот на јануари и повторно ќе се оди на решенија во последен миг на стрес.
Преговорите за членство во Унијата, како некоја метафора и ветување за посреќна, попросперитетна, а наедно и европска иднина за Македонија, со текот на годините минати во справување со непринципиелни услови и уцени надвор од стандардните европски (Копенхашки) критериуми, одамна ја имаат изгубено „магијата“ на чекање нешто убаво и сѐ повеќе се сведени на „безалтернативност“ на пат од кој нема враќање. И во таквата прифатена безалтернативност, кога се поминати сите рокови, одложени (ако не и прекршени) сите ветувања, се доаѓа до моментот кога се сфаќа дека брзањето, односно избрзаните одлуки не се (а веројатно и не биле) разумна позиција за решавање прашања од национален интерес.
Во воздухот лебди чувството дека кога станува збор за процената кога треба да се брза, а кога да се почека со одлуките за прашањата од национален интерес, во македонската политика не било најсреќно избрано времето. Односно несоодветно и штетно за македонскиот национален интерес се одговорило на притисокот за интеграција на Македонија во структурите на НАТО и на ЕУ. Преспанскиот договор и менувањето на името на државата со сериозни импликации на загрозеност на македонскиот национален идентитет, по што сепак продолжија опструкциите во процесот на евроинтеграциите (и покрај членството во НАТО со име со географска одредница), треба да биде поука од искуство на сопствена кожа дека и национално-идентитетските отстапки и жртви, сепак, не се гаранција за директно членство во Унијата. Очигледно, ЕУ нема да биде трогната од девастираниот македонски идентитет, претопениот македонски јазик… и понатаму „принципиелно“ ќе се повикува на принципот на консензус во одлучувањето за проширување, потребите за нејзини внатрешни реформи и важноста на добрососедството, поттурнувајќи ги под тепих сопствените вредности на правото на самоопределување и себеименување на народите и државите.
Македонија мора да ги манифестира своите принципи за евроинтеграциите содржани во резолуцијата на Собранието и да не ги потисне со изборот за „безалтернативноста“ на членството во ЕУ. На непринципиелноста се одговара со принципиелност, а не со брзање и одлуки во последен миг, особено не по долгогодишно чекање.
Чудни се ефектите и реакциите по долго чекање. Годината ја започнавме со нетрпеливост во чекањето на вакцините против ковид-19, а ја завршуваме со поделеност на јавното мислење од нивната ефикасност и сомневање за последиците. Во меѓувреме, вирусот доживеа 4-5 мутации, светската пандемија и понатаму е во полн ек (иако се најавува нејзино „укинување“ во 2022-та), а Македонија и понатаму функционира меѓу еуфорија за брзи решенија, па потоа се става на чекање. Она што требаше да го научиме од сѐ што ни се случува е дека и она што е наше нема само да си дојде ако не се потрудиме да го задржиме и да го зачуваме – од здравјето до националниот идентитет.