На државата во овој момент не ѝ се потребни предвремени парламентарни избори бидејќи граѓаните веќе се изморени од избори додека очекуваат многу повеќе да се сработи на економски план, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање за барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори, откако Македонија не доби датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
– Очекувам дека треба да се насочиме генерално кон граѓаните и нивните потреби. Другите аспекти и таа стратешка цел за почетокот на преговорите е високо на агендата и треба да биде високо на агендата на Владата, меѓутоа акцентот треба да се стави на Република Северна Македонија, граѓаните, економскиот стандард, напредувањето, на сето она што го очекуваат граѓаните – изјави Спасовски при предавањето на донацијата на возила наменети за Единицата за службени кучиња при МВР, од страна на шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.