ВМРО-ДПМНЕ денеска, на 17. редовен партиски конгрес, го реизбра Христијан Мицкоски за претседател.
Тој беше и единствениот кандидат за лидерската позиција, а доби поддршка од 489 делегати. Од присутни 493 делегати, гласале 492 од кои 489 за Мицкоски. Имало и три неважечки ливчиња.
– На Македонија ѝ треба нов договор кој ќе го оделотвори заедничкиот патриотизам низ ново одредување за она што претставува наша првенствена цел. Таквиот општествен договор кој ќе го понуди заедничкиот патриотизам е враќање на нашите надежи за тоа како требаше да изгледа државата во моментите кога се создаваше, како активна целина на рамноправни чинители, која ќе обезбеди праведен напредок и еднакви можности за сите, од која идеја длабоко низ овие три децении се застрани – рече Мицкоски.
На конгресот под мотото „Нова генерација за нова иднина“, ВМРО-ДПМНЕ најави нова доктрина и кадровски освежувања. Мицкоски го доби првиот претседателски мандат во партијата пред четири години, на 23 декември 2017-та, кога на 16. конгрес во Валандово беше поддржан од 376 делегати.
Тој е доктор по технички науки и професор на Машинскиот факултет во Скопје. Беше претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ, а во однос на партиските активности извршувал повеќе функции – бил претседател на кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ, дел од Републички изборен штаб на изборите 2011, дел од Републичкиот изборен штаб ИЕ4 на изборите 2008, 2014, 2016, член на конгресот на партијата во 2003 кога за претседател е избран Никола Груевски, како и член на конгресот во 2015 година.