Животот е толку флуиден што можеме само да се надеваме дека барем еднаш сме успеале да искористиме свеж и чист момент на уживање без да го уништиме, пишува Нин
Анаис Нин беше една од првите еротски писателки во светот. Бидејќи е родена во 1903 година во Париз, во време кога се во сила традиционалните вредности, може да се каже дека патот што го избрала е многу храбар. Пишувала дневници, раскази, романи, еротска фикција.
И нејзините родители биле необични. Татко ѝ Хоакин Нин бил кубански композитор и пијанист, додека мајка ѝ Роза Кулмел била кубанска пејачка. Сепак, Анаис го поминала своето детство во Европа, додека нејзините родители не се развеле. Таа потоа се преселила од Париз во Барселона, па во Њујорк. Кога се омажила за Хју Паркер Гилер, во 1923 година, се вратила во Париз, со желба да стане писателка. Таа постојано пишувала, а нејзината работа наидувала на позитивни критики. Првата книга што ја објавила, „Д.Х. Лоренс: Непрофесионална студија“, ја напишала за само 16 дена, и тоа за писателот што критичарите не го почитувале толку многу. Сепак, книгата на Анаис ги собрала сите пофалби. Пред Втората светска војна се вратила во Њујорк со сопругот, за да избегне трагедија. Таа водела многу турбулентен живот.
Својот прв сопруг не сакала да го спомнува во дневниците, па Анаис го споменува Хенри Милер, контроверзен писател познат по неговото експлицитно пишување – поради што неговите книги беа забранети во САД до 1962 година, а со кого имала афера во Париз. Кога наполнила 44 години, Анаис го запознала поранешниот актер Руперт Пол во лифт на Менхетн. Осум години подоцна се омажила за него, иако веќе била мажена. Руперт и Анаис живееле во Калифорнија, додека нејзиниот прв сопруг го игнорирал нивниот брак.
Анаис водела дневници повеќе од 60 години, непосредно до пред нејзината смрт. Таа пишувала без цензура. Нејзините најпознати реченици зборуваат за љубовта, слободата, феминизмот… Неколку нејзини цитати што сè уште можат да се применуваат.
„Ние не се развиваме хронолошки. Некогаш се развиваме во една димензија, а некогаш во друга – нерамномерно. Ние сме релативни. Во еден поглед сме зрели, во друг детски. Ние сме составени од слоеви, клетки, соѕвездија. Зарем не е прекрасно тоа?“
„Доаѓа тој ден кога ризикот да ни биде тесно во сопствениот кожурец станува поголем од ризикот од цветање.“
„Животот е процес на станување, комбинација на состојби низ кои треба да поминеме. Луѓето грешат кога сакаат да изберат состојба во која ќе останат засекогаш. На овој начин тие сами ја проценуваат смртта.“
„Луѓето што го живеат животот во потполност немаат страв од смртта“.
„Креативната личност никогаш нема да остане во првиот свет што ќе го открие. Таа не знае за граници и не може да послуша ништо.“
„Животот е толку флуиден што можеме само да се надеваме дека барем еднаш сме успеале да искористиме свеж и чист момент на уживање без да го уништиме.“
„Непознатото беше мојот компас. Непознатото беше мојата енциклопедија. Непознатото беше и останува мојата единствена наука.“
„Верувам дека човекот пишува за да си создаде свет во кој може да живее.“
„Улогата на писателот не е да го каже она што сите ние би можеле да го кажеме, туку она што никој не може или не смее да го прави.“
„Пишуваме за да го почувствуваме животот двапати – во одреден момент и преку ретроспектива.“
„Ако не дишете преку пишување, ако не плачете преку пишување, ако не пеете преку пишување – тогаш не пишувајте. Културата нема никаква корист од тоа.“
„Човекот се труди да го препознае само она што му е познато. Затоа, функцијата на уметноста е да ја промени нашата перцепција. Задачата на писателот е да ги разбранува познатите сцени толку магично што одеднаш ќе видиме ново значење во нив.“
„Последната лекција што ја учи секој писател е дека сè може да го нахрани и инспирира. Речник, новооткриен збор, патување, средба, разговор на улица, книга, нова научена фраза – апсолутно сè.“