„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за бугарското вето за Македонија
Бугарија би можела со години да го блокира приклучувањето на Македонија во Европската Унија, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во текстот насловен „Софиското фалсификување на историјата“.
– Фалсификувањето на историјата досега не е критериум за приклучување во ЕУ. Но, се чини дека Бугарите сакаат да го направат да биде критериум – заклучува ФАЦ, истакнувајќи дека Македонија не може да се согласи на таквата состојба поради самото почитување на вредностите во ЕУ.
Во Брисел се надеваат дека Бугарија, која е пред добивање на нова влада, ќе се откаже од ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, наведува весникот, појаснувајќи оти владата на Бојко Борисов ги спречила преговорите кои не само од Брисел се сметаат за апсурдни.
Според ФАЦ, Кирил Петков, кој се смета за иден премиер, важи за прагматичен човек кој не сака да се загуби во балканските дебати за историјата. Весникот посочува и дека Софија бара бугарското малцинство во Македонија да биде спомнато во Уставот.