Предавањето на телата на нашите сограѓани кои ги загубија животите во трагичната автобуска несреќа во Бугарија ќе биде направено преку организиран државен протокол најдоцна в петок, информира Министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– По остварениот разговор со бугарскиот обвинител од Софија, надлежен за трагедијата од 23 ноември, г-дин Сарафов, сакам да ја информирам јавноста дека е донесена одлука за предавањето на телата на нашите сограѓани кои ги загубија животите во трагичната несреќа во четврток, 2 декември. Владата на Република Бугарија го прифати нашето барање преносот од Софија до Скопје да се изврши со авион на Бугарија, додека од Меѓународниот аеродром Скопје, преку организиран државен протокол истиот или наредниот ден петок 3 декември, останките ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови – наведува министерот Османи.
Османи, посочува дека ќе остане во блиска комуникација со семејствата за останатите детали, и дека јавноста исто така ќе биде информирана навремено.